(ФОТО) Хасидските Евреи заглавија на границата меѓу Белорусија и Украина

Стотици хасидски Евреи кои тргнаа на аџилак во Украина и покрај пандемијата на коронавирусот, заглавија на границата откако белоруските гранични власти ги пропуштиле, но украинските не им дале да минат.

На снимки објавени од украинските гранични полицајци се гледаат луѓе, меѓу кои и деца, во традиционалната облека и со кофери во рацете одат по автопат меѓу камионин. Некои пеат, а некои и танцуваат. Украинската погранична полиција вели дека поради нив морала да го запре сообраќајот на граничниот премин Нови Јариловичи меѓу Белорусија и северна Украина.

До вторникот утрото низ масата успеале да се пробијат треисетина камиони, а повеќе од сто полицајци поставувале шатори.

„Ситуацијата е под контрола“, изјавил за медиумите претставникот на украинската гранична служба, Александр Павлик, додавајќи дека аџиите добиле храна и вода.

Систуацијата со хасидските аџии кои не можат да влезат во Украина се наоѓа под контрола на белоруските власти, соопшти службата за односи со јавноста на претседателот Александр Лукашенко.

Челникот на властите во округот Гомел, Генадиј Соловеј, ветил дека ќе бидат создадени сите услови за аџиите на ничија земја меѓу Белорусија и Украина. Додал дека регионалните власти ги помагаат аџиите со обезбедување храна, вода и шатори за ноќевање за околиу 900 лица. На масата луѓе им помагаат и волонтерите на Црвениот крст, чија локална претседателка Ала Смолјак алармираше дека меѓу аџиите има повеќе од 130 деца.

Претходно во понеделникот пограничната служба на Украина соопшти дека околу 1.500 хасидски аџии пристигнале во близина на контролниот премин на украинско-белоруската граница и се обидуваа да дојдат до градот Уман, во Черкаскиот регион во централна Украина. Ним не им беше дозволен преминот поради ограничувањата воведени на украинска територија поради пандмијата на коронавирусот.

Градот Уман е цел на масовен аџилак на хадиските Евреи (следбеници на еден од правците во јудаизмот) од различни земји во светот. Тие го посетуваат гробот на рабинот Нехман од Броцлав, еден од духовните ментори на Хасидите кој го обновил движењето и починал во 1810 година. Секоја година илјадници верници го посетуваат неговиот гроб во периодот на главните еврејски празници, кој започнува со еврејската Нова година – Рош Хашана која трае од 18-ти до 20-ти септември.

Откако во 1991 година Украина ја стекна независноста, со декрет на тогашниот претседател Леонид Кравчук, гробницата на рабинот Нахман доби официјален статус на историско-културен центар.

Годинешните подготовки на празникот минаа одбележани со инцидент во Уман, меѓу хасидит и локални жители. Во неделата паневрејскиот портал Yeshiva World News објави дека во петокот околу 30 лица вооружени со ножеви и стапови ги нападнале хасидските Евреи на гробот на рабинот Нехман по вербална расправија, како и дека украинските полицајци кои дошле на местот наводно воопшто не интервенирале, и оти четворица Евреи биле повредени и згрижени во блиската болница.