Браќата Кирил и Методиј имаат свој споменик во Киев, изграден во 90-тите години кога Украина ја прогласи својата независност. Но, споменикот кој се наоѓа на еден од поголемите плоштади во градот лево од споменикот на познатата кнегиња Олга е заштитен со вреќи песок. Видео на Твитер сугерира дека тие биле покриени уште лани на 28 март.
Која била кнегињата Олга Киевска? Оваа владетелка на тогашната Киевска Русија била прв владетел на царството да го прифати христијанството. Била покрстена во Охрид во 955 година, а нејзиниот внук, кнезот Владимир во 987 година. Така зацврснале врските на Киев со Охрид.
Христијанизацијата на Киевска Русија хронолошки се совпаѓа со постоењето на Самоиловото Царство, кога Охридската архиепископија била подигната на степен на патријаршија во 999 година. Се смета дека првата жена на Владимир била од родот на Самоил. Нивните деца, Борис и Глеб, денес се светци во Русија. Охрид бил популарен центар во тоа време, а Киевска Русија имала послаби врски со Цариград, односно Византија.
Историчарот Приселков дури констатира дека „кога бил ракоположен првиот руски митрополит, Теопемт, во 1037 година, руската црква била потчинета на Охридската патријаршија”.
Книгите на Кирил и Методиј биле популарни во Киевската Рус во тоа време, а според преподобниот Нестор кој живеел во 11 век, монах од Киевско-Печерскиот манастир, солунските браќа престојувајќи кај Хазарите ги превеле Евангелието, Апостолот, Октоихот, Псалтирот и други книги.
Хазарската мисија на солунските браќа се случила во градот Херсон, денешна Украина, еден век пред доаѓањето на Олга на власт и постоењето на Самоиловата држава.