(ФОТО и ВИДЕО) Бројката жртви во свлечиштата во Калифорнија се зголеми на 17

Бројот на жртвите во разорните одрони на почвата на југот од Калифорнија се зголеми на 17, соопшти шерифот на округот Санта Барбара, отако беа пронајдени уште две тела, а бројот на исчезнатите, исто така, се зголемил на 17, пренесуваат светските агенции во четвртокот.

„Коинциденција е што 17 лица загинаа како жртви на одроните, а 17 лица се сметаат за исчезнати“, рече шерифот Били Браун, пренесува Reuters. Многумина од стотиците жители кои останале заробени во своите домови се евакуирани со хеликоптери, додал Браун.

„Потрагата и спасувачките напори продолжуваат и ноќта“ рекла Дајан Блек, портпаролка на округот Санта Барбара. Околу 500 спасувачи работат на тоа да му помогнат на населението заробено од калта во нивните домови.

Повеќето жртви на невремето се во областа Монтесито во округот Санта Барбара, околу 150 километри северозападно од Лос Анџелес, откако разорните пожари го опустошија ова подрчје во декември. Силниот дожд кој, по десет сушни месеци, врнеше во понеделникот и вторникот, го претвори овој крај, еден од најубавите во Калифорнија, во место на ужасот, пренесува агенцијата AFP.

Поради врнежите кои ја „испраа“ земјата откако во неодамнешниот пожар остана без вегетација, реките нагло надојдоа носејќи со себе кал и камења и уништувајќи се’ пред себе. Снимките поставени на социјалните мрежи покажуваат една дневна соба во Монтесито исполнета со слој кал од неколку сантиметри, пренесува агенцијата DPA.

„Излгеда како боиште од Првата светска војна“, изјавил шерифот Браун за The Los Angeles Times. Весникот пишува и дека спасувачките служби се надеваат дека малку ќе здивна, бидејќи следните денови прогнозите не најауваат дожд.