(ФОТО и ВИДЕО) Тинејџерка загина, уште неколку исчезнати во уривање на мост во јужна Франција

Камион и автомобил паднале во понеделникот утрото во реката Тарн северозападно од градот Тулуз при уривање на мост, пренесува весникот La Dépêche du Midi.

Според информациите, во инцидентот кој се случил меѓу 8 и 8,30 часот утрото по локално врме, загинало 15-годишно девојче, а сѐ уште се трага по неутврден број лица. Нејзината мајка и уште три други лица успеале да испливаат до брегот.

Според очевидци, автомобил кој минувал по мостот во моментот на уривањето паднал во реката, а подоцна исто така паднало и комунално возило. „По два часа залудна потрага, билансот останува непроменет“, изјавил за весникот член на спасувачкиот тим на местото на несреќата. Истакнал дека е песимист и стравува дека бројот на жртвите ќе се зголеми.

Во извештајот на противпожарната служба на департманот Горна Гарона објавен на Twitter се наведува дека „околу 80 пожарникари и спасувачи работат на местото на инцидентот“. Во операцијата на потрага и спасување, исто така, вклучени се и неколку екипи нуркачи и три хеликоптера. На локалното население му се препорачува да го избегнува местото на несреќата.

Според информациите на La Dépêche du Midi добиени од очевидци, само неколку моменти пред трагедијата полн училишен автобус минал преку мостото.

„Бевме многу исплашени, слушнавме голем тресок и на почетокот мислевме дека станува збор за авионска несреќа“, изјавил градоначалникот на општината Морепоаз-сур-Тарн, Ерик Огет.

Локалните власти, како една од причините за колапсот на мостот наведуваат дека камионот можеби ја надминувал дозволенат маса на возилата за минување по мостот, која е ограничена на 19 тони по возило.

Според телевизијата BFM, сега урнатиот мост бил подигнат во 1935 година, во должина од 152 а широчина од 5 метри. Според локалните власти, во 2003 година мостот бил реконструиран.