ФОТО| „Каменот на судбината“ пристигна во Лондон за крунисувањето на Чарлс

Таканаречениот „Камен на судбината“, познат и како Скунскиот камен (Каменот од Скун), кој ќе биде користен во текот на церемонијата на крунисувањето на британскиот крал Чарлс Трети на 6-ти мај, стаса во саботата од Шкотска во Вестминстерската опатија во Лондон.

Каменот од песочник, симбол на шкотската монархија, англискиот крал Едвард Први го однел во Лондон како воен плен во 1296 година и го вградил во својот престол од дабовина. На него повеќе од 700 годни се крунисуваат кралевите и кралиците.

Каменот тежок 152 килограми дури во 1996 година беше вратен назад во Шкотска, но со обврска и натаму да биде користен за идните крунисувања.

Во четвртокот вечерта бил испратен од дворецот во Единбург на пат за Лондон.

По свеченото испраќање на каменот шкотскиот премиер Хамза Јусаф, кој инаку планира да ја поведе Шкотска кон независност од британската монархија и Обединетото Кралство, изјави дека станува збор за „историски момент“ и дека е „среќен“ што учествува во него.

Според легендата, каменот во Шкотска стасал од Светата земја преку Египет, Сицилија, Шпанија и Ирска, а потоа во IX век е донесен во манастирот Скон во Шкотска и бил користен за крунисувањето на шкотските кралеви.

Меѓутоа, Дејвид Бриз, професор по историја и археологија на Единбуршкиот универзитет, смета дека каменот всушност потекнува од времето на Пиктите, племе коешто првични ја населувало Шкотска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.