(ФОТО)Лоциран каналот од каде истекува течноста што ја побеле реката Брегалница

По целосното побелување на реката Брегалница кај Штип, риболовци и новинари заедно со припадници на Крим техника од СВР Штип, тргнаа по течението, се’ до местото од каде истекуваше густа бела течност со тежок мирис на лак. Белилото се’ уште излегува од каналот за отпадни води од стопанскиот комплекс Македонка, каде работат најмалку три големи капацитети кои употребуваат хемикалии. Од местото се земени мостри, кои ќе бидат употребени за понатамошна истрага. Нема информации дали на лице место има излезено еколошки инспектор, јавува Канал 77.

Заменикот министер за заштита на животна средина, Јани Макрадули за Канал 77 информираше дека попладнето разговарал со градоначалникот на Штип, Благој Бочварски. Било побарано еколошки инспектор да излезе на терен и да се лоцира загадувачот. Во исто време, како што најавил Макрадули, ќе се разгледуваат и еколошките дозволи на компаниите, кои работат во овој комплекс.

-За инцидентот го известив Државниот еколошки инспекторат. Треба да се проверат сите дозволи, а во тоа ќе помогне и Државниот инспекторат, изјави за Канал 77, Јани Макрадули.

Од комплексот Македонка канал со отпадни води директно се влева во реката Брегалница. Како што дознаваме, една од компаниите, кои редовно во своето работење употребува хемикалии за белење и боење, веќе пет години работи без еколошка Б дозвола,  што ја издава општината. Дозволата „запнала“ во инсиситирањето за исполнување на потребните основни критериуми, за компанијата да добие еколошка дозвола. Проблемот се провлекува со години и засега не е најден начин да се реши.

Денеска проблемот во бела боја се покажа во водите на реката Брегалница на еден ден пред почетокот на изборната кампања. Дали овој пат ќе се лоцира предизвикувачот на инциденотот?

Фото: Канал 77/ ММС.мк