(ФОТО) Најмалку 20 мртви во експлозија во Авганистан

Во најновата од серијата експлозии додека трае претседателската кампања во четвртокот во јужен Авганистан се убиени најмалку 20 луѓе а повредени се повеќе од 100, соопштија авганистанските власти за овој напад извршен со камион-бомба пред болница за кој одговорноста ја преземаа талибаните.

Цел на нападот била блиската зграда на Националниот директорат за безбедност (NDS) во Калат, главниот град на покраината Забул, соопштија талибаните кои речиси секојдневно изведуваат напади по пропаѓањето на мировните преговори со САД и почетокот на кампањата за претседателските избори во Авганистан.

„Бомбата била голема и ја пренесувал помал камион“, рекол висок функционер од министерството за одбрана за Reuters кој сакал да остане анонимен.

Телевизијата Tolo News пренесува изјава на покраински функционер според кого жртви во експлозијата пред централната болница се цивили, пациенти и лекари. Болничката зграда била тешко оштетена, па затоа ранетите се превезуваат во приватни клиники.

Милитантите сакале да ја нападната базата за обука на NDS, но го паркирале камионот полн со експлозив пред влезот во болницата, рекол извор од министерството за одбрана.

Дваесет тела и 95 ранети луѓе се евекуирани од местото на експлозијата, рекол Хаџи Ата Џан Хачбајан, член на покраинскиот совет во Калат. Додал дека бројот на жртвите би можел да расте, а спасувачките теимови сѐ уште бараат тела под урнатините. Повеќе жени, деца, здравствени работници и пациенти во болницата тешко се повредени во експлозијата.

Пред два дена талибаните извршија два одделни бомбашки напади во кои загинаа вкупно 48 лица, а 80 други беа повредени. Првиот напад беше извршен во текот на митинг во рамките на предизборната кампања на претседателот Ашраф Гани во градот Чарик, главен град на покраината Парван во кој беа убиени најмалку 26 лица. Претседателот Гани присуствуваше на митингот, но не беше повреден. Во другата експлозија во центарот на главниот град Кабул, исто така, во вторникот беа убиени 22 луѓе.