(ФОТО) Не е претстава, туку вистински хорор во стариот велешки театар

Скоро седум години од отворањето на новата велелепна театарска зграда во Велес, изградена по сите светски стандарди на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, старата и напуштена, исто толку години е оставена на негрижата. Таа секој ден се’ повеќе надворешно и внатрешно се руинира и остава грда слика на околината и буди жална слика на велешани за едно не така дамнешно, убаво минато.

Старата зграда која секој ден се повеќе пропаѓа и се уништува, освен што е оставана на временските влијанија се почесто е мета на поедини вандализми однадвор, а во последниве месеци се уништува и внатре.

Деновиве кога од МИА ја посетивме, врататa од која се влегува од фоајето во салата беше отворена, а не обиена. Никој немаше внатре, а сликата беше стравична и како од хорор филм, насекаде расфрлани архивски материјали од репертоарот на театарот меѓу кои и од далечната театарска 1959/60 година, флаери и реквизити и се она што со не било однесено од театарските работници при селидбата во новиот театар.

Таму имаше и други предмети,  што укажува на тоа дека во неа некој и престојувал или престојува во темната сала. Влезот кон салата беше темен и предизвикуваше неизвесност и страв. Темната сала за публиката со сцената беше со дрвени столови, кои подоцна беа реновирани со убаво црвено кадифе. Делови од кадифето од столовите имаше расфрлано по фаојето што оставаше грда и тажна слика. при помислата на некогашната, иако стара, но пристојна и убава сала за публиката. На велешани кои се вљубеници во театарот и на секој кој барем еднаш бил на една претстава во стариот велешки театар, самата помисла в миг буди убави спомени.

Елизабета Јовчевска секретар на Општина Велес, а во чија сопственост на локалната власт е старата зграда на театарот, за МИА информира дека пред еден месец полицијата ги известила за вандализмите внатре во зградата на стариот театар, а нивна екипа од Општина Велес направила увид.

На констатација на МИА дека вратата на театарот пак е отворена како со клуч и дека вандализмот врз инвентарот, архивата и се вредно преостанато продолжува, таа појаснува дека полицијата овојпат не ги известила.

Од тимот на театарот ништо не знаат за состојбата на стариот театар, затоа што тој веќе не е во нивна надлежност

Тие велат дека театарската зграда не е во нивна надлежност, но ветуваат дека ќе преземат сепак нешто да спасат од расфрланата преостанатата богата архива на театарот и други преостанати реквизити, костуми и друг инвентар.

Сашо Димоски в.д директор на театарот за МИА, изјави дека за жал старата театарска зграда не е во нивна надлежност и дека не се информирани за состојбите во зградата.

Локалната власт првично сакаше да ја пренамени зградата, потоа најави дека ќе ја урива и гради станбено-деловна зграда

Претходната локална власт уште во 2014, сакаше првично старата театарска зграда да ја реновира и да ја пренамени за невладините организации со посебни потреби, но потоа планот се промени

По напуштањето на ансамблот на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од старата во новата театарска зграда, тогашната локална власт уште во 2014 година најпрво најавуваше дека објектот ќе го пренамени за невладините организации кои работат со лица со посебни потреби. Но една година потоа во јуни 2015 година откако стручњаци проценија дека е невозможно руинираниот објект да се реконструира, локалната власт најавуваше дека објектот ќесе  руши и на негово место ќе се гради четирикатна станбена зграда со деловен простор во приземјето.

Тогашниот градоначалник Славчо Чадиев најавуваше дека општината ќе ја продава парцелата на која се наоѓа старата театарска зграда, но при тоа ќе ги услови идните сопственици дел од просторот во приземјето да им го преотстапат на оваа категорија граѓански здруженија.