ФОТО: Немирите во Украина не запираат- пет жртви од судирите

Во Киев утрово биле регистрирани неколку спорадични судири меѓу полицијата и демонстрантите, но ситуацијата е помирна во однос на вчерашните судири, додека од Москва порачуваат дека Русија нема да интервенира.

Во текот на ноќта демонстрантите ги зацврстиле своите барикади со вреќи песок, а утрово фрлале камења додека полицијата возвратила со шок бомби.

Украинската полицијата за сузбивање на демонстрациите утрово била распоредена во центарот на Киев додека зад барикадите демонстрантите се одлучни во намерата да го принудат Јанукович да ја распушти владата, да распише предвремени избори и да ги отповика строгите закони за забрана за јавно претставување.

Украинскиот премиер Микола Азаров изјавил дека полицијата добила инструкции да не ја користи силата против мирните демонстранти.

Лидерите на украинската опозиција му дале ултиматум на претседателот Јанукович во рок од 24 часа да распише предвремени избори или да се соочи со уште пожестоки притисоци.

Повеќе илјадници лица се собрале пред американската амбасада во Киев и протстирале против мешањето на Америка во внатрешните работи на Украина.