(ФОТО) Нетанјаху тврди дека Иран ги сочувал документите за нуклеарната технологија по договорот од 2015-та

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во понеделникот претстави документ за кои што тврди дека се докази дека Иран продолжил да собира знаења за нуклеарната технологија и по потпишувањето на договорот со шесте светски сили од 2015 година со кој се ограничува иранската нуклеарна програма и е постојано инспектирана, и ги повика САД да го отфрлат договорот.

„Иранските челници постојано негираат дека некогаш настојувале да дојдат до нуклеарно оружје. Вечерва сум тука да ви кажам една работа: Иран лажеше“., изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во телевизиското обраќање до нацијата, што некои медиуми во земјата го опишаа како шоу.

„Прво, Иран лажел дена некогаш имал програма за производство на нуклеарно оружје, 100.000 документи докажуваат дека имал. Второ, и по договорот, Иран продолжил да ги чува и да ги проширува знаењата за своето нуклеарно оружје за идна употреба. Трето, Иран повторно лажел во 2015 година кога не беше отворен кон МААЕ, како што бараше нуклеарниот договор“, изјави Нетанјаху.

Израелскиот челник зборуваше на англиски јазик и прикажуваше слајдови и видеоснимки, наводно од историските тајни ирански нуклеарни постројки и ирански документи и планови за развој на атомско оружје.

„По потпишувањето на нуклеарниот договор во 2015-та Иран ги зајакнал напорите да ги сокрие своите тајни документи. Во 2017-та Иран ги преместил своите документи за нуклеарното оружје на строго тајна локација во Техеран“, твреше Нетанјуаху.

Нетанјахи, исто така, презентираше „половина тон материјал“, којшто според негово тврдење го добил од израелското разузнавање, меѓу кои „сто илјади фајлови кои докажуваат дека тие (Иран) лажат“ во врска со нивната нуклеарна програма. Според Нетанјаху, станува збор за „55.000 станици и 55.000 датотеки на 183 дискови“.

Нетанјаху тврдеше дека зборува за таен ирански нуклеарен проект под кодно име „Амад“, за кој рече дека бил архивиран уште во 2003 година, но дека работата во оваа сфера продолжила.

Американскиот претседател Доналд Трамп уште во предизборната кампања го критикуваше договорот со Иран од 2015 година, според кој светските сили укинаа децениски меѓународни економски санкции за Техеран во замена за ограничувањето на неговата нуклеарна програма и овозможување неочекувани и непречени инспекции од страна на експертите од Меѓународната агенција за атомска енергија кои досега во своите редовни извештаи потврдуваа дека Иран се придржува до договорот.

Европските партнери не се многу расположени за промена на договорот, стравувајќи дека неговото соборување ќе предизвика зголемување на тензиите на и онака запалениот Блиски исток. Русија и Кина, исто така, потписнички на договорот, соопштија дека не сметаат дека треба да се задира во договорот.

Трамп се закани со повлекување од договорот следната седмица, доколку за него повторно не се преговара. Нетанјаху во понеделникто рече дека очекува Трамп да ја направи „исправната работа“ и повторно да го разгледа договорот.

Нетанјаху во неделата во Тел Авив се сретна со новиот државен секретар на САД, Мајк Помпео со кој разговараа за Иран.

„САД се длабоко загрижени од иранските дестабилизирачки и злобни активности. Останува длабоко загрижени поради иранската опасна ескалација на закани кои Израел и регионот“, рече Помпео.

„Мислам дека најголемата закана за светот и нашите две земји, и за сите земји, е бракот на милитантниот ислам и нуклеарното оружје, и особено обидот на Иран да развие нуклеарно оружје“, се надоврза Нетанјаху.

Израел како повод за своите тврдења ја искористи изјавата на шефот на иранската Организација за атомска енергија кој во понеделникот рече дека Иран има технички способности за збогатување ураниум на повисоко ниво отколку што можел пред постигнувањето на договорот.

„Технички сме целосно подготвени за кусо време да збогатуваме ураниум на повисоко ниво од пред постигнување на договорот… Се надевам дека Трамп ќе се вразуми и ќе остане во договорот“, изјави Али Акбар Салехи, пренесе иранската државна телевизија.