(ФОТО) Оливер Ивановиќ убиен со шест куршуми, неколку дена откако САД предупредија на терористички напади

Обдукцискиот наод покажува дека српскиот косовски политичар Оливер Ивановиќ бил убиен со шест куршуми од пиштол марка „М70А“, познат како „долга деветка“.

„Постојат шест влезни рани и четири излезни. Два куршума се задржале во телото. Повредите се во пределот на горниот дел на градниот кош“, изјави Милан Ивановиќ, директорот на Клиничко-болничкиот центар во северниот дел на Косовска Митровица.

Од таму додаваат дека обдукцијата траела четири часа и дека куршумите му ги повредиле виталните органи.

По обдукцијата, телото на убиениот Ивановиќ вечерва е однесено во неговата партија, а во среда ќе биде пренесено во Белград, каде што Ивановиќ ќе биде погребан.

Лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“ (СПД), 64-годишниот Оливер Ивановиќ беше застрелан во вторникот утрото околу 8,15 часот пред канцелариите на неговата партија во центарот на северна Косовска Митровица, со истрели од пиштол со придушувач. По атентатот напаѓачите побегнале со автомобил „опел астра“ без регистарски ознаки кој подоцна е пронајден изгорен на оддалеченост од околу 500 метри од мултиетничката населба позната како Три солитера, во улицата „Војвода Путник“.

Ивановиќ беше сметан за еден од највлијателните а на западот и за еден од поумерените српски политичари на Косово. Градоначалникот на северна Митровица, Горан Ракиќ, порача дека не сака „повеќе одложувања“ и оти сака „веднаш да бидат најдени извршителите на свирепото убиство на Ивановиќ“. Ракиќ во соопштението до медиумите од својата канцеларија во која биле присутни претставници на Кфор, Еулекс и на властите во Приштина истакнува дека „истрелите во Оливер Ивановиќ се истрели во сите нас кои се бориме за Косовска Митровица“.

„Ова е истрел во секој Србин кој не сакаше да го напушти своето огниште. Кукавичкиот напад со кој е прекинат неговиот живот ги потресе сите Срби на Косово и Метохија и бара најитна реакција на сите безбедносни служби. Само неколку дена откако Стејт департментот најави можни терористички напади на северот од Косово и Метохија, се случи вакво злосторство, па се прашувам зошто никој овие најави не ги зема предвид, превентивно не дејствуваше, за да се спречи сево ова. Барам Косовската полиција во соработка со Еулекс и Кфор што поскоро да ги откријат извршителите на ова злосторство и да ја гарантираат безбедноста, бидејќи на тоа ги обврзуваат нивните мандати“, вели Ракиќ.

Ракиќ, оградувајќи се од прејудицирање, наведува и дека верува оти одговорноста за ваквите настани лежи и на оние коишто „без никаков доказ“ го обвинувале Ивановиќ за наводни злосторства во претходните неколку години.

Ивановиќ, кој учествуваше и на последните локални избори за градоначалник на северна Митровица, кој своевремено беше и државен секретар во министерството за Косово и Метохија, убиен е на истиот ден кога и неговиот пријател и партиски колега Димитрије Јаниќиевиќ пред четири години.

Ивановиќ беше апсен под сомневање дека сторил воено злосторство во Косовска Митровица во 1999 година, како и за наводно злосторство на 3-ти февруари 2000 година во северниот дел од градот. Првично беше осуден на 9 години затвор, а предметот е вратен на повторно судење. Во затвор мина цели 3 години, а за тој период тврдеше дека е „политички затвореник“.