ФОТО| Откриени 2.000 мумифицирани овновски глави во Египет

Најмалку 2.000 мумифицирани овновски глави, датирани од периодот на Птоломеј, како и раскошна структура од периодот на Старото кралство се откриени во храмот на Рамзес Втори во древниот град Абидос во јужен Египет, објави викендов египетското министерство за старини.

Мумифицирани овци, кучиња, диви кози, крави, газели и мунгоси се пронајдени во храмот заедно со главите од овни, за коишто се смета дека се заветни дарови кои укажуваат на континуираното почитување на Рамзес Втори на тоа место околу 1.000 години по неговата смрт, според египетските археолози.

Во соопштението се додава дека откритието ги проширува сознанијата за наоѓалиштето во периодот кој опфаќа повеќе од две илјади години до периодот на Птоломеј, кој траел околу ти века до римското освојување во 30 година пред нашата ера.

Абидос, кој се наоѓа во египетската покраина Сохаг, на околу 435 километри јужно од Каиро, е едно од главните но помалку посетените археолошки наоѓалишта во Египет. Станува збор за некропола од раната египетска кралска власт и центар на поклониците на богот Озирис.

Покрај мумифицирани животински останки, истражувачите од Универзитетот Њујорк откриле и голем дворец со ѕидови дебели речиси пет метри од периодот на Шестата династија на Старото кралство, со неколку статуи, папируси, останки од древно дрво, кожни облека и обувки.

„Структурата би можела да помогне во повторното воспоставување на чувството на древниот пејзаж на Абидос пред градењето на храмот на Рамзес Втори“, изјави водачот на археолошкиот тим Самех Искандер.