(ФОТО) Порака од Вевчани: „Скијање се брзо учи, баба на стап се пучи“

„Македончиња удрете на секс, ја плашта“, „Волој имате, а кравите ви се бакшиш од мене, „Субрата Рој со глата в гној“, „Хотелски комплекс-Љуба-ништа“, „Скијање се брзо учи, баба на стап се пучи,“  беа едни од пораките на маските на вевчанци на годинешниот Вевчански карневал во чест на Василица.

maska-1

Вевчанци од Горна и Долна Маала на еден хумористичен начин ги обележаа настаните од минатата година, а во фокусот беа: Индиецот Субрата Рој, пратеникот Амди Бајрам, претставен како функционер, проектите на Владата за скијање на пензионерите, за трето дете, наградната игра со фискалните сметки, маглата, Македонец и Албанец под ист чадор.

 

maska-2

Најмногу смеа предизвика маската пензионери на скијање со пораката „Проект на Владата, крши кичма, за намалување на бројот на пензионерите во Македонија,“. Глупи Август една од главните маски на карневалот, одлично си ја заврши својата работа, расчистувајќи го теренот за да поминат маските.

 

 

maska-3Маските и годинава ги оправдаа очекувањата на присутните предизвикувајќи смеа, добра забава и уживање во глетката. Победникот на најдобра групна маска ќе биде прогласен вечерва пред полноќ.Победникот ќе добие буре црвено вино, симболично наречено вевчанска керф.

Вечерва во рамките на музичката програма ќе настапат Миле Кузмановски, Сузана Спасовска, Ефто Пупиноски. По полноќ во два часот Василичарите ќе се сретнат на извори, а утре традиционално ќе се палат маските.

maska-4

Вевчанци со овој карневал, традиционално ја испраќаат старата година и се што е лошо во неа и со убаво ја дочекуваат новата година за Василица.

Покровител на настанот е Владата на РМ, односно на Министерството за култура. Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска официјално го отвори карневалот со пораката дека настанот е дел од изворната традиција и обичаи кои се пренесуваат низ генерациите.

Годинава карневалот помина со богата музичка програма и бројни содржини кои се одвиваа на различни локации низ Вевчани. Оваа традиционална манифестација ја проследија бројни гости од земјата и странство, политичари и дипломати.

Според кажувањата на домаќините, за разлика од минатите години гостите биле побројни, а и понудената содржина била побогата, па коментираат „нека продолжи вака“.