(ФОТО) Принцот Хари првпат во јавноста откако се дистанцираше од круната

Војводата од Сасекс, британскиот принц Хари, во четвртокот првпат се појави во јавноста откако со сопругата, американската актерка Меган Маркл, најави повлекување од кралските должности и минување во „полуприватност“.

Принцот Хари, кој е шести во наследниот ред за британската круна, следел детски рагби натпревар во дворот на Бакингемснката палата, во пресрет на жрепката за светското првенство во овој спорт следната година. Тоа е неговата последна кралска обврска пред „преодниот период“ во кој со сопругата ќе започнат нов живот.

Триесет и петгодишниот Хари и 38-годишната поранешна актерка Меган Маркл минатата седмица ги шокираа британското кралско семејство и јавноста со неочекуваната објава дека сакаат да ги намалат своите кралски обврски и да минуваат повеќе време во Канада, како и да станат финансиски самостојни.

Кралското семејство изрази дека е повредено и разочарано од ваквата одлука, но кралицата Елизабета Втора на крајот се согласи со нивните желби. Кралицата по семејниот кризен состанок порача дека „потполно ја поддржува“ нивната желба за нов живот, иако би ѝ било помило да останат членови на кралското семејство „со цело работно време“.

Кралицата Елизабета во соопштението истакна дека разговорите, на кои учествувале и принцот од Велс – Чарлс, таткото на Хари, и војводата од Кембриџ – принцот Вилијам, братот на војводата од Сасекс, биле „многу конструктивни. „Моето семејство и јас потполно ја поткрепуваме желбата на Хари и Меган како младо семејство да создадат нов живот“, соопшти британската кралица.

Додаде дека уште ќе се разговара за поединостите и дека конечните одлуки ќе ги донесе следните денови. Меѓу нив е и сумата за финансиските донации од принцот Чарла кои би требало да ѝ припаднат на двојката од приходите од неговите приватни имоти, прашањето на нивните кралски титули и опсегот на комерцијалните транскации за коишто принцот Хари и Меган ќе бидат овластени.