Дали директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Град Скопје, Наташа Станоевиќ со наредби и притисоци собирала луѓе за митингот на СДСМ во Карпош на 11-ти октомври, на која присуствуваа претседателот на партијата, Зоран Заев, актуелниот градоначалник и кандидат за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов и кандидатот за градоначалник на Карпош, Душко Весковски?
Според овие фотографии од вибер комуникација, директорката Станоевиќ ги присилува своите колеги да присуствуваат на партиската трибина во Спортската сала „Борис Трајковски“, велејќи дека единствена причина како изговор за недоаѓање е Covid-19.
Списоците од присутните, како што наведува директорката во комуникацијата, „ќе одат во централа“. Па тука се поставува и прашањето дали „наредбите“ од Станоевиќ впрочем доаѓаат од високите позиции на СДСМ, односно од самиот Заев и раководство на партијата кое себеси се опишува како „демократско“.
„За колешките кои сега се приклучија, присуство задолжително, чекам потврда дека ќе дојдете, започнува Станоевиќ. Јас ги пренесов насоките дека единствено оправдување е болест. По завршување на средбата со ваши потписи треба веднаш да ги предадам, списоците ќе одат во централа“, пишува Станоевиќ.
По потврдите за присуство во групата на вибер, директорката додава:
„Значи ок, подразбира сигурно доаѓање, ве чекам со список кој треба да го предадам. Оправдување за недоаѓање е само Ковид. Чекам да потврди секој писмено“.
Од КУРИР побарале одговори и од Станоевиќ.
Телефонски ја контактирале директорката, но од кога и образложиле за што треба да даде коментар, од неа добиле кус одговор дека ќе ги побара за 10 минути. По речиси еден час, се јавика со одговор:
„Се работи за типично лажна вест, каде што со помош на денешната технологија е направен лажен профил со лажно споделени информации“.
Инаку, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи на Град Скопје е под капа на Министерството за труд и социјална политика, со кое раководи Јагода Шахпаска. Останува да видиме дали ќе има реакција од ресорното министерство и од Обвинителството за овој случај.
Во продолжение се фотографии од митингот на СДСМ за кој наводно се испраќани пораките за масовност.