ФОТО: Промоција на македонската култура во Париз

Со силен аплауз синоќа беше поздравена изведбата на современата балетска претстава „14 часа“ во преполната сала на Театарот Ле Палас во Париз.

kultura_paris (2)Многубројните присутни, меѓу кои и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, амбасадорката на Франција во Македонија, Лоренс Оер, амбасадорот на Македонија во оваа земја, Агрон Буџаку, претседателот на Фестивалот на кинематографиите на југоисточна Европа, Јордан Плевнеш, дипломати, високи претставници на УНЕСКО и претставници на Францускиот институт од Париз, со овации го поздравија настапот на првениците и солистите на Македонската опера и балет.

Како особено успешни беа оценети уметничките креации на примабалерината Александра Мијалкова и првенецот Васил Чичијашвили, како и солистите кои се дел од оваа најизведувана македонска балетска продукција која во изминатиот период беше прикажана во неколку европски центрим меѓу кои Рим, Виена и во Сараево.

Пред почетокот на изведбата на претставата, беше отворено и јубилејното, петто по ред, издание на Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа „SEE a Paris”, кој од 12 до 16 април се одржува во француската метропола. На церемонијата на свеченото отворање, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа е успешен модел на соработка со која земјите од овој регион ги манифестираат своите заеднички заложби за отворена соработка и размена на културните вредности кои ги поседуваме како држави и кои се дел од европскиот културен мозаик.

kultura_paris (4)

Канческа-Милевска пред присутните гости и претставници од филмските продукции на 12 земји од Балканот ги нагласи заложбите на Владата на РМ и Министерството за култура за поддршка на филмската дејност и промоција на македонската кинематографија во меѓународен контекст. Таа информираше и за мерките за субвенционирање на филмските продукции кои ќе работат во Република Македонија и за кои е обезбеден поврат од 20% на средствата вложени во реализацијата на филмските остварувања.

kultura_paris (3)

На програмата на ова јубилејно издание ќе бидат прикажани и неколку македонски филмови на режисерите Игор Иванов, Сашко Потер Мицевски, Тамара Котевска, Вук Митевски, Ѓорче Ставревски, Кирил Каракаш и Марко Црногорски. На церемонијата на свеченото отворање, беа доделени и неколку почесни награди, меѓу кои наградата за најдобар актер во југоисточна Европа, која му беше врачена на светски реномираниот актер Раде Шербеџија.

За време на престојот во Париз, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, предвидено е денеска во седиштето на УНЕСКО да оствари работна средба со генералниот директор на оваа меѓународна организација, Ирина Бокова.