ФОТО| Пронајдени и двете црни кутии од непалскиот авион

Спасувачките тимови ги пронајдоа двете црни кутии од патничкиот авион којшто се урна во неделата во близина на непалскиот град Покхара, при што загинаа 68 патници, а исчезнаа уште четворица во најсмртоносната авионска несреќа во земјата во последните 30 години, соопштија властите во понеделникот.

Податоците од кутијата што ги снима податоците за летот и другата којшто ги снима разговорите од пилотската кабина со контрола на летот би можеле да ѝ помогнат на истрагата да ја утврди причината за падот на авионот што се урна при ведро време во неделата, непосредно пред да слета на аеродромот во туристичкиот град Покхара.

Текнат Ситаула, претставник на аеродромот од Катманду, рече дека двете таканаречени црни кутии „се во добра состојба“. „Однадвор изгледаат добро“, рече тој.

Во понеделникот спасувачите ја продолжија потрагата по четири исчезнати лица, а Непал во понеделник прогласи национален ден на жалост и формираше комитет за истрага на оваа несреќа, кој ќе има задача да предложи мерки за да се избегнат вакви несреќи во иднина.

Досега се пронајдени телата на 68 лица, од вкупно 72 патници и членови на екипажот во авионот од тимот „АТR 72“ во сопственост на домашната воздухопловна компанија „Yeti Airlines“..

Во авионот кој летал од Катманду до Покхара, почетната точка за експедиции до познатата планина Анапурна, имало 57 непалски државјани, петмина Индијци, четворица Руси, двајца државјани на Јужна Кореја и по едно лице од Аргентина, Ирска, Австралија и Франција.

Претставник на полицијага од Покхара изјави дека потрагата по преостанатите патници, кои сега се сметаат за исчезнати, продолжува.

„Ќе извлечеме пет тела од клисурата и ќе продолжиме да ги бараме преостанатите четири кои сè уште не ги најдовме“, изјавил Ајај К.Ц. за Reuters, додавајќи дека другите 63 тела се испратени во болница.

Најавено е дека телата ќе им бидат предадени на семејствата по идентификацијате и обдукцијата.

Речиси 350 луѓе загинаа од 2000 година во авионски и хеликоптерски несреќи во Непал, каде штп се осумте од 14-те највисоки планински врвови во светот, вклучувајќи го и највисокиот – Еверест. Во Непал, ненадејните промени во временските услови се доста вообичаени, а тоа може да ги направи условите за летање многу опасни.