ФОТО| Првата пешадиска бригада на АРМ го одбележа денот на единицата

Најголемата единица во армискиот состав – Првата пешадиска бригада (1.пбр) од состав на Командата за операции, со воена свеченост пред строеви од сите единици од нејзиниот состав и поканети гости, го одбележа Денот на единицата.

На воената свеченост, која се одржа во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, согласно програмата, по обраќањата од страна на командантите на командата за операции и на 1.пбр, следуваше прогласување на најдобра единица од составот на бригадата, доделување на стимулативни мерки, признанија и награди, свечено дефиле на единиците и тактичко-технички збор на вооружувањето и опремата со кои располага бригадата.

Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини, во своето обраќање рече дека денес кога се соочуваме со суштинско одржување на глобалната безбедност како сенка на континуираната миграциска криза, мора да се почитува сувереноста и територијалниот интегритет на секоја самостојна држава, а секоја друга опција е за осуда и во спротивност со меѓународните правила и прописи. „Затоа во овие бурни и предизвикувачки времиња единството и солидарноста во НАТО се клучни и оттука наш клучен приоритет мора да ни биде одржувањето на нашата борбена готовност, како дел од најголемиот сојуз во светот да придонесуваме за зачувување на мирот и безбедноста во светот“, нагласи тој.

Генералот Емини, кој е и поранешен командант на бригадата, честитајќи им го Денот на единицата на сите припадници, им порача посветено, професионално и ефикасно да продолжат со понатамошна изградба на единицата во цврст колектив што ќе може да се соочи со сите предизвици кои ги носи новото време.

Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Сашко Лафчиски, во својот говор пред присутните истакна дека во годината кога одбележуваме 31 година од формирањето на Армијата и три години од полноправното членство во НАТО алијансата, со гордост констатираме дека Првата пешадиска бригада продолжува да биде круцијална борбена сила и ударна тупаница на Армијата, секогаш подготвена да застане на браникот на татковината во одбрана на националните интереси, територијалниот интегритет и суверенитет.

„ Бригадата која е примарниот капацитет кога станува збор за исполнување на обврските произлезени од членството во НАТО, минатата година за време на вежбата „Блесок 22“, со успех го заврши НАТО оценувањето на борбената готовност на Лесниот пешадиски баталјон, со што и формално ја исполнивме првата НАТО цел на способност. Веднаш потоа започнавме и продолжуваме со градење на потребните капацитети и способности за Лесната пешадиска баталјонска група, која е наша следна обврска и наш наголем приоритет“, истакна Лафчиски.