ФОТО| Рашковски на шопинг во „Ист Гејт“

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, за којшто во моментов се води судски процес за нелегална набавка софтвер за МВР и за перење пари, фотографиран е како „шопингува“ во трговскиот центар „Ист гејт“.

Претходно, на социјалните мрежи исто така беше споделена фотографија од Рашковски во шопинг центар, на која се гледаше како тој во услови на задолжителни ковид мерки, во продавница не носи заштитна маска. Во тој период, полицијата секојдневно казнуваше лица за неносење маска.

Изминативе години за Рашкоски се врзуваа бројни афери, а во обвинителна клупа за случајот „Софтвери“ седна во јануари.

За случајот нему му беше определен притвор, потоа затворскиот притвор му се замени со куќен, за да во февруари Апелацискиот суд прифати гаранција од 192.980 евра недвижен имот за ослободување од куќен притвор.

Пред да биде ослободен од притвор, опозицијата обелодени уште една афера поврзана со него. Имено, фирма блиска до Рашковски земала тендери од 850 илјади евра од Дрисла. Фирмата Алпима Градба од Струмица во 2019-та и 2020-та изнајмувала машини во Дрисла во износ од скоро еден милион евра. Оваа фирма е во сопственост на Пипервалиев, човек близок до Драги Рашковски. Според ВМРО-ДПМНЕ, овој договор е склучен во четири очи веднаш штом Дрисла станала јавно претпријатие, без јасни критериуми.

Името на Рашковски се споменуваше во уште неколку случаи за можни злоупотреби. Пред Нова година, државната Актикорупциска комисија посочи дека ќе поведе иницијатива до Обвинителството за утврдување одговорност за Рашковски за незаконито постапување со цел примање награда – возило.

Според ДКСК, Рашковски во анкетниот лист од 05.03.2021 година навел дека со договор за подарок неговата сопруга се стекнала со автомобил марка „доџ“, произведен 2005 година во вредност од околу пет илјади евра, без да наведе дополнителни карактеристики за возилото.

По извршената проверка на пазарот, од Антикорупциска посочија дека оваа марка на возило иако е произведена 2005 година, чини од околу 50 илјади евра па нагоре, што е, како што рекоа, десеткратно повисока вредност од наведената цена во договорот.

Според ДКСК, сопругата на Рашковски го добила возилото на подарок од Игор Христов, советник во претходната влада и еден од обвинетите во случајот со Рашковски за набавка на софтвер. Христов, пак, возилото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварската фирма, која пак имала поднесено барање за спроведување постапка за склучување преддоговор за пренесување на правата за градење објекти што се сопственост на државата, доставено до Владата.

Рашковски беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев од јуни 2017 до ноември 2020, а потоа до април 2021 извршуваше друга функција во Владата.

 

 

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.