ФОТО| Шкотите откриле досега непознат автопортрет на Ван Гог

Националните галерии на Шкотска откриле досега непозната автопортрет на славниот холандски постимпресионистички сликар, чии дела имале големо влијание врз уметноста во XX век, Винсент Ван Гог.

Се верува дека станува збор за исклучително откритие прво за некоја институција во Велика Британија, а откриено е со рентгенска снимка на делото на уметникот „Селанка“ од 1885 година, при подготовките на претстојната изложба под наслов „Склоности кон импресионизмот“ на Кралската шкотска академија во Единбург.

Сокриен од погледите повеќе од еден век, автопортретот е откриен на задниот дел од платното со глава на селанка, прекриен со слоеви од лепило и картон за кои се верува дека се нанесени на почетокот на XX век.

Ван Гог бил познат меѓу современиците по повеќекратно користење на платната кои би ги свртувал и сликал на другата страна за да заштеди пари.

Портретот прикажува брадест лик со шапка и шамија лабаво врзана околу вратот. Јасно се гледа левото уво на ликот, коешто уметникот си го отсекол во 1888 година.

Се смета дека потекнува од раниот период на Ван Гог од истражувањата со автопортретите по кои подоцна станал познат. Посетителите на изложбата ќе можат да ја видат скицата како рентгентска слика преку посебен уред.

Иако е можеби можно да бидат раздвоени двете слики, постапката за отстранување на лепилото и картонот ќе бара деликатна конзерваторска работа. Во тек се истражувањата како тоа може да се случи, а да не биле оштетена главата на селанката.

Професорката Фенсис Фоул, виш кустос при Националните галерии на Шкотска, откритието го опиша како „возбудливо“.

„Моментите како овој се неверојатно ретки. Откривме непознато дело на Винсент Ван Гог, еден од најважните и најпопуларни уметници на светот“, појасни Фоул.

„Каков неверојатен подарок за Шкотска, кој засекогаш ќе биде под грижа на Националните галерии. Многу сме возбудени што можеме да го споделиме ова возбудливо откритие на нашата голема летна изложба…., на којашто рентгенската снимка на автопортретот ќе биде видлива за сите“, рече уште Фоул.

Лесли Стивенсон, виш конзерватор при Националните галерии на Шкотска, вели дека се „одушевени“ од откривањето на автопортретот.

„Кога првпат ја видовме рентгентската снимка, секако дека бевме силно возбудени. Ова е важно откритие, бидејќи го додава она што веќе го знаевме за животот на Ван Гог“, додава Стивенсон.

Љубителите на уметноста автопортретот на Ван Гог ќе можат да го видат на изложбата којашто ќе трае од 30-ти јули до 13-ти ноември.

„Извонредно важно е да се знае дека се наоѓа на слика која е во Националните галерии на Шкотска, во збирката којашто му припаѓа на шкотскиот народ. Се надевам дека ќе ги поттикне луѓето да дојдат и да ја погледаат“, порача Стивенсон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.