ФОТО| Стартуваше со изградба мега-паркот во скопско Ново Село

На нова паркова површина од над 31.000 квадратни метри која ќе изобилува со зеленило, уредени патеки, спортски, забавни содржини и осветлување денеска стартуваше изградбата на мега-паркот во Ново Село, општина Ѓорче Петров.

Почетокот на изведбата го означија градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски и Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.

Овој парк ќе биде од исклучително значење за општината, за околу 45.000 жители кои ќе го посетуваат и во него ќе го поминуваат своето слободно време, ќе се дружат, рекреираат и ќе уживаат во зеленило и дополнителни содржини.

Градоначалникот Стојкоски во изјава за медиумите истакна дека задоволството е уште поголемо што по само неколку месеци од почетокот на мандатите се исполнува големо ветување дадено пред граѓаните.

„Дрвјата што ќе се засадат во овој парк ќе растат заедно со нашите деца, како потврда за напорите што јас и градоначалничката Арсовска ги вложуваме за зазеленување на јавните површини и за поздрава и почиста животна средина“, рече Стојкоски.

Ова е прв капитален проект од ваков тип што се реализира во Ѓорче Петров. Претходно, оваа површина беше депонија која ја загадуваше целата околина.

„И во иднина ќе останеме посветени да ги реализираме нашите ветувања за на граѓаните да им обезбедиме подобри и поздрави услови за живот во уредена средина“, додаде Стојкоски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.