(ФОТО) Ставрески: Среќен сум што станот го доби едно скромно и чесно семејство

Добитникот на првиот стан од нагадната игра „Фискална во рака награда без мака“ Трајко Кузмановски денеска ги доби клучевите од станот, сместен во зграда на Јавно станбено претпријатие на „Трета ударна бригада“ во населбата Аеродором.

Среќата ќе си дојде тогаш кога е пишано и кога најмалку се верува и надева. За тоа најдобар доказ е тоа што главната награда – стан во Скопје во наградната игра „Фискална во рака, награда без мака“ ја доби пензионерот Трајко Кузмановски од Куманово, со само едно испратено плико, посочи на денешното доделување на клучевите од станот вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

fiskalna-kluc500 „Чичко Трајко од Куманово и неговото семејство се најдобар пример дека среќата ќе си дојде тогаш кога е пишано. Во играта тој учествуваше со едно плико заедно со неговата сопруга, синовите и внуците и си ја доби наградата – вреден стан во централното градско подрачје на Скопје. Ова покажува дека секој што учествува во наградната игра „Фискална во рака награда без мака“ може да биде добитник на вредна награда. Мене ми е посебно задоволство и среќа што гледам дека едно скромно и работничко семејство на човек што цел живот работел занает имаше среќа да го добие станот,“ рече Ставрески.

Добитникот на станот Кузмановски, не ја криеше среќата поради добиената награда, иако како што посочи, никој во неговото семејство не верувал оти токму тие некогаш би можеле да бидат добитници на ваква награда. Благодарни сме, рече, што Владата организираше една ваква игра.

fiskalna-torta„Не се надевав, не верував дека би можело ние да го добиеме станот. Кога заѕвони телефонот мислев дека некој онака ме бара. Кога чув веќе и кога внуците дојдоа направивме една мала веселба. Сите се радуваме заедно, рече Кузмановски.

На сите граѓани им порача да играат во оваа наградна игра и никогаш во животот да не губат надеж дека среќата може да дојде.

– Со чесна работа и добрина среќата секогаш ќе дојде. По ова се гледа дека навистика ако е пишано среќата ќе си дојде, истакна тој.

Додаде дека станот ќе го користат неговите синови и внуци, кога ќе имаат потреба, оти, рече тој е во години кога за себе има доволно.
Вицепремиерот Ставрески истакна оти наградната игра продолжува во понеделник во 20 часот на Македонската телевизија, кога ќе биде извлекувањето за второто коло.

„Главната награда е автомобил, а ќе имаме уште 150 награди. Значи 150 граѓани ќе добијат ваучери во вредност од 1.000 до 60.000 денари коишто ќе можат да ги конвертираат во вредни награди односно телевизори, телефони, велосипеди, компјутери и други производи… Наградната игра продолжува и натаму. Оние што се уште не испратиле пликоа, треба да соберат 20 фискални сметки, да ги стават во плико и да ги испратат преку пошта или пак да ги остават на пунктовите коишто ќе бидат поставени на улицата „Македонија“ и во Трговскиот центар „Сити мол“,“ рече Ставрески.

Додаде дека на овој начин ќе се продолжи со добра практика за создавање навика и култура дека добивањето фискална сметка е право и обврска и на граѓаните и на трговците, со што, како што рече, секој учествува во изградбата на сопствената држава, а има во истовреме можност да добие една од вредните награди.