ФОТО: Тензично во Киев, еден загинат во судирите меѓу полицијата и демонстрантите

Опасно и тензично е во Киев, доцна синоќа почнаа судирите меѓу полицијата и демонстрантите, а според Би-Би-Си се’ уште траат.

Синоќа полицијата почнала да ги остранува блокадите, по што избувнале судири, а демонстрантите јавија  дека едно лице е убиено. АФП, повикувајќи се на извори од медицинската служба, потврди дека едно лице им подлегнало на повредите откако бил застрелан со снајпер.

Демонстрантите врз полицијата удирале со камења и Молотови коктели, а тие им возвратиле со солзавец и димни бомби.

Би-Би-Си јави дека во судирите во последниве два дена се повредени неколку стотици лица.

Агресивната полициска акција почна откако украинската Влада донесе низа закони со кои се забранува протести и кампување на улици.

Повеќе од два месеци приврзаниците на опозицијата протестираат на улица, откако претседателот Виктор Јанукович одби да се приклучи кон Европската Унија, стремејќи се кон Русија.

Премиерот Микола Азаров ги предупреди демонстрантите дека полицијата ќе користи сила.