ФОТО| Туристите на Ла Палма му се восхитуваат на вулканот и покрај силниот земјотрес

Канарскиот остров Ла Палма, каде пред 40 дена еруптираше вулкан, во саботата утрото беше погоден од земјотрес со моќност од 5,1 степен по Рихтер, но љубопитните туристи продолжуваат да пристигнуваат во текот на продолжениот викенд.

Земјотресот со епицентар во областа на Кумбра Виехо (Стариот врв), од каде што со денови се излева лавата, бил почувствуван во 7,24 часот по локално време, извести шпанскиот Национален географски институт (IGN). Секој ден се регистрираат десетина потреси, но досега најсилниот изнесуваше 4,9 степени по Рихтер.

Во текот на продолжениот викенд поради верскиот празник Сите свети, на Ла Палма се очекуват околу 10.000 посетители коишто сакаат да го набљудуваат призорот на избувнување на лавата. Билетите за бродовите и авионите за овој викенд се распорадени, извести локалното туристичко биро.

Туризмот учествува со 20 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на островот, но откако на 19-ти септември еруптираше вулканот резирвираноста на хотелите падна од 70 отсто во време на пандемијата на 40 отсто. Во саботата, меѓутоа, пополнетоста на капацитетите скокнала за 90 отсто.

Лавата прекри област од 941,5 хектари и, исто така, ги уништи стаклениците во близина на брегот и ги затрупале полињата, што почвата ќе ја направи необработлива со децении. За среќа, во стихијата немаше ниту смртно настрадани, ниту повредени.

И додека едни пристигнуваат да му се восхитуваат на феноменот, другите ги напуштија своите домови во подножјето на кратерот. Околу 7.000 жители мораа да се иселат од загрозената област. Кон крајот на следната седмица би требало првите семејства, привремено сместени во туристичките капацитети, да се уселат во 18 привремени стамбени објекти наменети за настраданите. До крајот на годината или на почетокот од 2022-ра сите евакуирани жители би требало да добијат нови домови.