(ФОТО) Во Мексико убиени уште седум членови на наркокартел, вкупно 21 жртва

Уште седум припадници на наркокартел се убиени во текот на специјалната операција на безбедносните сили во сојузната мексиканска држава Коахуила, започната во саботата поради нападот на банди врз администрацијата на општината Виља Унион, со што вкупниот број жртви достигна 21, објавено е во неделата по локално време.

„Има седум нови жртви во изминатиот помалку од еден час“, изјави обвинителот на државата Коахуила, Херардо Маркез Гевара, пренесе ноќта кон понеделникот по македонско време порталот Milenio.

Владата на сојузната држава објави дека продолжува заедничката копнена и воздушна операција на трите безбедносни структури против учесниците во саботниот напад врз зградата на администранцијата на Виља Унион.

Неделните судири меѓу безбедносните сили и бандите на наркокартелот се случиле на автопатот кој води кон другата сојузна држава Нуево Леон, по кој се обидувале да побегнат напаѓачите кои ги преживеале престрелките во Коахуил и нивните соучесници. По судирот, безбедносните сили објавија дека заплениле три возила, и големи количества разно оружје и муниција.

Претходно во неделата беше јавено дека најмалку 14 луѓе се убиени во судирот на припадници на наркокартел и полицијата во мексиканскиот град Виља Унион, близу границата со САД, откако во саботата полицијата извести за пет ликвидирани вооружени мажи.

Владата на северната сојузна држава Коaхуила соопшти дека полицијата се судрила со припадници на Североисточниот картел кои пристигнале во општината Виља Унион, каде отвориле оган врз зградата на општинската администрација, како и врз полициската станица. Во ова гратче со околу пет илјади жители, околу 65 километри југозападно до градот Пиедрас Неграс, криминалците според изјави на очевидци дошле со седум возила и отвориле оган врз владините згради.

Гувернерот на државата Коaхуила, Мигуел Рикелме Солис, изјави за новинарите дека властите решително се спротиставиле на картелите и нивните убијци. Во заедничката операција на полицијата, армијата и обвинителството биле уништени дел од блиндираните возила од кои напаѓачите отвориле оган. Во снимките на локалните телевизии беше прикажана муниција со голем калибар запленета во текот на операцијата.

Гувернерот додаде дека четворица полицајци се убиени, а уште шест се ранети, како и дека престрелката траеле повеќе од еден час. Исто така, одреден број лица се водат како исчезнати.

Рикелме Солис ја дополни претходната информација дека напаѓачите дошле во гратчето со 14 возила, кои полицијата ги запленила, како и одредено колилество вооружување. Додаде дека се верува дека напаѓачите се членови на Североисточниот картел од сојузната држава Тамаулипас.

Државата Коахуила, која граничи со американската држава Тексас, има долга историја на смртоносно насилство во пресметките на бандите за контрола над криумчарските канали, иако бројот на убиствата таму е далеку помал отколку пред седум години.