(ФОТО) Во терористички напад убиен водечки ирански нуклеарен физичар

Иранскиот нуклеарен научник Мохсен Фахризаде

Познатиот ирански нуклеарен научник и еден од водечките физичари Мохсен Фахризаде е убиен во голем добро организиран терористички напад во петокот рано попладнето во близина на иранската престолнина Техеран, објави новинската агенција Fars, но некои медиуми и агенции јавуваат дека сѐ уште не е потврдена смртта на научникот.

Според Fars, Фахризаде бил цел на „повеќекратен“ напад во кој се случила најмалку една експлозија и бил предизвикан пожар од „голем број“ напаѓачи во градот Абсард, во округот Дамаванд во покраината на главниот град Техеран. Во агенцискиот извештај, се наведува дека покрај научникот, во терористичкиот напад има уште најмалку четири жртви.

Фахризаде од страна на Западот и Израел, кој често изнајмува сунитски дисиденти и свои агенти за слични атентати врз научници во Иран, е одамна сомничен дека стои зад она што тие го сметаат за прикриена програма за изработка на атомска бомба која Техеран ја прекинал во 2003 година.

Истовремено во некои ирански медиуми, вклучително и на државната телевизија IRIB, беше објавено дека научникот е ранет.

„Новите информации говорат дека научникот бил жртва на обид за убиство во вооружен напад од страна на непознати лица врз неговите телохранители“, објави иранската државна телевизија.

Службата за односи со јавноста при иранското министерство за одбрана, сепак, соопшто дека Фахризаде, кој беше на чело на Организацијата за одбранбени иновации и истражувања (SPND) „беше тешко ранет во судирот меѓу тимот за негово обезбедување и терористите по што беше пренесен во болница“, каде им подлегнал на повредите.

„За жал, напорите на лекарите беа безуспешни, а пред неколку минути … тој почина маченички“, се наведува во соопштението.

Истовремено, портпаролот на иранската Организација за атомска енергија (IAEO), Бехруз Камалванди, изјави дека сите други научници кои работат во нуклеарната индустрија во истата област се живи и здрави.

На иранските социјални мрежи се објавни фотографии, за кои се тврди дека се од местото на нападот, и на нив може да се види автомобил изрешетан од куршуми.

 

Атентати врз иранските научници

Иранските физичари и особено научниците кои се ангажирани во нуклеарниот сектор повремено се цели на доброорганизирани атентати и терористички напади, за што Техеран ги обвинува западните и израелските тајни служби кои ги користат припадниците на малубројната сунитска заедница во доминатниот шиитски Иран.

Во јуни 2012 година, иранските разузнавачки служби објавија дека идентификувале и уапсиле терористичка келија која стои зад подготовки и изведени атентати врз нуклеарни научници во земјата. Тогаш за две години беа изведен пет атентати врз водечките ирански нуклеарни научнции, главно млади луѓе.

„Голем број земји, чиишто територии и објекти биле злоупотребени од терористичките тимови поддржани од Мосад (тајната служба на Израел), им дадоа релевантни информации на иранските власти“, објави тогаш иранското Министерство за разузнавање.

Според тој извештај, биле откриени некои бази на Мосад на териториите на „еден од западните соседи на Иран“ во кои се вршеле обуки и логистички поддршки на терористичките мрежи.

Таа група беше осомничена дека стои зад атентатите на иранските научнции Масуд Али-Мохамади, Маџид Шахријари и Мостафа Ахмади Рошан. Истовремено, групата беше идентификувана како извршители на неуспешниот напад на д-р Ферејдун Абаси, актуелен ченик на IAEO.

Последн пат пред денешниот напад, иранскот разузнавање објави во јануари 2015 година дека службата на елитниот Корпус на чуварите на исламската револуција (IRCG), спречила обид на „израелските разузнавачки служби да извршат атентат врз ирански нуклеарен научник“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.