ФОТО| За три седмици во Украина убиени 400 странски платеници, меѓу кои и тројца од Македонија, објави Русија

Руските сили во заедничките борбени операции со единиците на проруските сепаратистички региони Доњецк и Луганс изминатите три седмици убиле во Украина речиси 400 странски платеници а во истиот период уште 240 од нив се вратиле во своите земји, објави во вторникот руското министерство за одбрана во најновиот список во кој се наведени податоци за лица од Македонија кои војуваат или војувале на украинското боиште.

„Во офанзивните дејствија на руските вооружени сили и единиците на народната милиција на народните републики Доњецк и Луганск, бројот на платеници во Украина беше намален од 3.221 на 2.741. Во тој период и покрај пристигнувањето на уште 151 платеник, уништени се 391 милитант. Уште 240 од нив побрзаа да се извлечат надвор од Украина“, соопшти министерството во Москва.

Руската војска, исто така, ги нарече „лажни“ изјавите од Киев дека наводно 20.000 странски борци дошле да се борат на страната на украинската војска во ткн „Легија на странците“ чие формирање го објави украинскиот претседател Владимир Зеленски уште на почетокот на руската инвазија. Според истиот извор, нивната бројка е неспоредливо помала и „постојано се намалува“.

Руското министерство за одбрана притоа прецизираше дека најголемиот дел од убиените странски платеници во споменатиот тринеделен период се Полјаци, односно 166 луѓе.

Според смртноста од последната седмица на јуни досега со 50 мртви следуваат борци од Грузија, за кои постојат информации дека се всушност професионални припадници на грузиските вооружени сили кои се ангажираат во Украина според договор меѓу двете земји. Руските сили ликвидирале и 23 платеници Велика Британија каде што ги нарекуваат „доброволци/ волонтери“, 21 платеник од Романија и 15 од Канада во изминатите три седмици, се вели во соопштението.

Според Москва, од почетокот на војната во Украина во февруари во војната земале учество околу 7.107, од 63 држави во светот, од кои загинале 2.347, си заминале 2.109 а останеле на боиштето 2.741 платеник, според податоците од 17-ти јуни досега. Според дотогашните податоци, од Македонија во Украина војувале 79 платеници од Македонија, од кои загинале 24 за тројца повеќе отколку што беше објавено на 17-ти јуни, 19 го напуштиле боиштето а останале да војуваат 36 лица.

Притоа, руското министерство за одбрана прецизира дека ги следи странските платеници уште од нивното пристигнување во соседните земји на Украина и при нивнот префрлување на боиштетот, и како пример го наведува случајот со пет британски и американски платеници кои ги идентификува со имињата и презимињата, а кои на 6-ти јули пристигнале во полскиот пограничен град Зампрсце.