Порака со елементи на закана доби редакцијата на НетПрес на својата официјална фејсбук страница, а според содржината се претпоставува дека станува збор за реакција во врска со информацијата за инцидент во скопско Арачиново.
Во пораката од профилот на извесен Шенол Маслани, пишува „за лајкови не земајте луѓе на врат, самите себе се земате на врат… немојте да претерате со лажни вести.. оние си побегнале, а вие кај ќе се криете“.
Претпоставуваме дека заканата е упатена во врска со информацијата за инцидентот во скопско Арачиново. Односно дека делот „ОНИЕ СИ ПОБЕГНАЛЕ“, може да се претпостави дека се однесува на полицајците во Арачиново, со што ја потврдува информација, за која МВР досега не даде никакво објаснување во јавноста.
Имено претходно денеска до нашата редакција пристигна информација од извори кои сакаа да останат анонимни дека во текот на вчерашниот ден во Арачиново четворица полициски службеници на полициски пункт сопреле возило управувано од лице без никакви валидни документи. Лицето упатило навреди кон полициските службеници, по што побегнало од местото на настанот. Според истите извори, лицето било син на полицаец, а подоцна вооружена група од се упатила кон полицискиот пункт во Арачиново по што полициските службеници добиле наредба веднаш да го напуштат пунктот и да се повлечат кон Полициската станица Гази Баба, но откако и таму се чувствувале небезбедни поегнале а од страв сѐ уште не го пријавуваат случајот.
Редакцијата побара одговор од МВР од каде што рекоа дека до централата таков случај не е пријавен, но замолија да испратиме е-маил, за да проверат дали има пријава во полициските станици. Досега редакцијата не доби одговор.