Фотоволтаични системи по принципот „клуч на рака“

Поголемо искористување на сончевата енергија преку иновативни решенија и современи технологии е новата услуга на ЕВН која е достапна на пазарот за сите заинтересирани корисници. ЕВН нуди комплетно решение по принципот „клуч на рака“ за фотоволтаични системи за сите домаќинства и бизниси во Македонија.

Првата фотоволтаична централа за домаќинства е инсталирана во населбата Тафталиџе во Скопје, на кровот на приватна куќа. На објектот се поставени 12 панели со вкупна максимална инсталирана моќност од 3kW. Решението е развиено од тимот експерти во ЕВН кои направија анализа на специфичностите на објектот и со цел максимално да се искористи потенцијалот на сончевата енергија изготвија персонализирана солуција за корисникот.

На промоцијата на првата фотоволтаична централа на ЕВН, присуствуваше и претседателот на Владата на Р. Македонија, Зоран Заев.

Особено ми е драго што новиот Закон за енергетика веќе ги дава првите позитивни резултати. Преку овој проект на ЕВН Македонија овие системи на фотоволтаични централи стануваат достапни за граѓани и компаниите. Сончевата енергија е еколошки чиста и неисцрпна. Нашата Македонија е земјата на сонцето – тој огромен природен непресушен извор на енергија и потенцијал со заедничка работа и влог мора да го направиме да биде еден од генераторите на економскиот раст, истакна Заев.

Годишниот потенцијал за производство на соларна енергија во Македонија се проценува на 1.300-1.550kWh/kWp, што претставува јасна цел за искористување во иднина.

ЕВН како лидер на пазарот ги следи светските трендови за сѐ поголемо инвестирање во обновливата енергија. Составивме тим од експерти кои развиваат решенија по мерка на корисниците и сега соларната енергија во Македонија е достапна и за домаќинствата и за компаниите. Убеден сум дека интересот за оваа нова услуга ќе биде голем, особено сега кога се предвидени нови промени на пазарот за граѓаните, изјави Сашо Стојкоски, Член на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Со поставување на фотоволтаична централа односно соларни панели годишно едно домаќинство може да покрие над 30% од вкупната годишна потрошувачка за електрична енергија. Компаниите, пак, покрај тоа што можат да заштедат преку производство на т.н. „зелена енергија“ за сопствени потреби,  тие ќе ја зајакнат својата општествена одговорност со намалување на загадувањето на воздухот.

Сите заинтересирани за оваа нова услуга на ЕВН може да го посетат Инфо центарот во центарот на Скопје или да се обратат на gosolar@evn.mk. Услугата е „клуч на рака“ што подразбира анализа, развој на специфично решение, комплетна инсталација и одржување на фотоволтаичниот систем.