Фракција во ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Мицкоски – Членството вели време е!

Поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, денеска најави иницијатива за смена на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Мицкоски е во потполност истрошен политички. Сега се исполнети сите услови ова е желба на членството многу луѓе велат време е, не очекувам дека сега Мицкоски ќе даде оставка, тој нема да даде оставка сега, тоа ќе го стори кога ќе биде доведе под притисок на членството“, кажа Андонов на прес-конференција пред штабот на партијата.

Иницијативата за промени во раководството на ВМРО-ДПМНЕ е на фракцијата за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сметаме дека иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна што не вреди посебен коментар. Му посакуваме среќа и немаме што друго да додадеме“, се вели во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

Промена на Мицкоски од лидерската позиција пред околу две години побараа повеќе истакнати поранешни функционери, меѓу кои и Ивица Конески, Никола Тодоров, Митко Јанчев, Никола Попоски, Сашо Мијалков, Ѓулистана Марковска, Даниела Рангелова, но ваквата иницијатива замре по неколку месеци.