Фракционерите во ДУИ од медиумите дознале дека се „самоисклучени“ од претседателтвото на партијата

Градоначалниците на Сарај, Блерим Беџети и на Чаир, Висар Ганиу, пратеникот Изет Меџити, поранешниот гостиварски градоначалник Невзат Бејта и Саранда Имери која ја извршуваше партиската функција секретар за родова рамноправност, веќе не се членови на Претседателството на Демократската унија за интеграција (ДУИ).

По состанокот од петокот вечерта, од Централното претседателство на ДУИ во саботата изразија „жалење за одлуката на петте члена на Претседателството да се самоповлечат“, како што беше наведено во соопштението, одлука која овие пет функционери ја донеле на состанокот 1-ви април, кога одлучија да дејствуваат како фракција во партијата.

По соопштението на ДУИ, со писмена реакција во саботата вечерта излегоа и од фракцијата, во која се вели дека од медиумите дознале за состанокот и за одлуките, кои како што велат, биле донесени на тајна средба и се нестатурни.

„Не се ‘самоисклучивме’, туку го напуштивме состанокот на 1-ви април во знак на протест како резултат на непочитувањето и манипулацијата со партискиот статут. Не бевме поканети на состанокот како членови на Претседателството, што претставува повреда на статутот и законските обврски на органите на партијата. Ваквото раководење со партиското тело е самоволно и недемократско. Членовите на Претседателството ги избира Генералниот совет и само тој може да ги разрешува истите, според законски процедури. Бараме да престане манипулирањето на јавноста преку зборови, сериозно да се внимава на внатрепартиските несогласувања, како резултат на сквернавењето на демократијата, меритократијата и партискиот статут“, се вели во соопштението на „Огнената група“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.