Франција бара воздржаност од Иран

Француското Министерство за надворешни работи го повика Иран да се воздржи од какви било конкретни акции.

Министерството побара Иран да се воздржи од активности кои не се во согласност со обврските на таа земја согласно нуклеарниот договор од 2015 година.

Иран претходно соопшти дека од петок ќе почне со развој на центрифуги поради забрзување на збогатувањето на ураниумот, што претставува ново непочитување на нуклеарниот договор склучен со светските сили.

– Иран мора да се воздржи од сите конкретни акции кои не се во согласност со неговите обврски и кои можат да ги нарушат напорите за деескалација, изјави портпаролката на француското МНР Агнес фон дер Мил.

Иран од мај годинава почна со намалување на почитувањето на нуклеарниот договор од 2015 година, што има за цел да изврши притисок врз европските земји да влезат во пакт за иранската економија да се заштити од американските санкции.

Иранскиот претседател Хасан Рохани објави дека наредил прекин на сите ограничувања во нуклеарни истражувања и развој на оваа технологија во земјата. Оваа мерка е преземена затоа што „не е постигнат посакуваниот резултат“  во контекст на тековната дипломатска иницијатива на Франција да го зачува нуклеарниот договор постигнат во јули 2015 година во Виена, информира иранскиот претседател.

Рохани ова го изјави непосредно откако американскиот пратеник за Иран Брајан Хук ја отфрли идејата за „ставање вон сила“ на санкциите на САД против Иран за да се овозможи кредитна линија од 15 милијарди долари за која е разговарано со европските потписници на нуклеарниот договор.

Ирански функционери истакнаа дека се подготвени повторно во целост да го применуваат нуклеарниот договор во замена за кредитна линија од околу 15 милијарди долари за која се преговара со Европјаните, и за чие постигнување краен рок е овој викенд.

Франција, Германија, Велика Британија и Иран последните неколку дена расправаат за тоа како да се спаси меѓународниот договор склучен во Виена во 2015 кој е доведен во прашање откако САД еднострано се повлекоа во мај минатата година.