Франција бележи раст на починатите од коронавирусот пред првата фаза од отворањето

Во Франција во петокот се зголеми бројот на смртни случаи од коронавирусот на дневно ниво, само три дена пред почетокот на првата фаза на попуштање на речиси двомесечните карантински мерки во целата земја.

Во петокот од болеста Covid-19 починале 243 лица, додека во четвртокот овој показател изнесуваше 178 починати, објави француското министерство за здравство. Вкупно од почетокот на епидемијата на почетокот од март вкупно се потврдени 26.230 смртни случаи од оваа респираторна болест.

Франција е петтата земја во светот според бројот на жртвите од коронавирусот, зад САД, Велика Британија, Италија и Шпанија.

Бројот на пациентите на одделите за интензивна нега паднал за 93, односно за 3 отсто на вкупно 2.868 пациенит, многу помалку отколку во текот на пикот на епидемијата на 8-ми април кога на овие оддели беа хоспитализирани 7.148 пациенти. Бројот на вкупно хоспитализираните, пак, веќе три седмици е во пад и во моментот таму има 22.724 пациенти.

Во петокот се потврдени 642 новозаболени, 13 повеќе отколку во четвртокот, со што вкупниот број заразени се зголеми на 138.421 лице, според официјалните податоци.

Франција од понеделник започнува со ублажување на рестриктивните мерки, со сепак строги правила во различни региони, особено во главниот град Париз.

Земјата е „пресечена на два дела“, според здравствената состојба. Во „црвените“ департмани, меѓу кои и Париз, мерките за ограничувања ќе останат построги. Четирите зони – парискиот регион, северот, истокот и централниот дел од земјата остануваат „црвени зони“, поради поактивниот пренос на вирусот и поголемиот притисок врз болничкиот систем.

Француските здравствени власти, исто така, се подготвуваат за масовни тестирања на лицата со симптоми на новиот коронавирус, како и на оние кои биле во контакт со позитивните.