Франција денеска влезе во четвртата недела од мерките за ограничено движење, епидемијата сè уште во фаза на влошување

Франција денеска влезе во четвртата недела од мерките на ограничено движење во борбата против коронавирусот, но според здравствените власти, земјата е далеку од излегувањето од овие мерки, со речиси 9000 мртви и покрај некои надежни резултати, јави дописникот на МИА.

После три недели на досега невидени мерки на ограничено движење на целата национална територија, засега не се поставува прашањето за олабавување на досега направените напори за борба против епидемијата, предупреди Владата. Со убавото време и велигденските празници што започнаа, министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер ги замоли префектурите „да испитаат случај по случај, а градоначалниците, ако е потребно, да ги засилат мерките таму каде што ќе се појават знаци на опуштање “.

-Единствениот начин да се спречи оваа епидемија е строгото почитување на мерките за движење, рече претседателот на Научниот совет, Жан-Франсоа Дафраиси. Уште повеќе, ако се знае дека се појавуваат првите знаци на позитивни ефекти од овие мерки, особено во Гранд Ест (источна Франција).

Во интервјуто дадено утрово за РМЦ / БФМТВ, министерот за солидарност и здравје Оливие Веран истакна дека „мерките ќе траат онолку колку што е потребно да траат“.

-Тоа зависи од секој од нас, од нашето секојдневно однесување, да можеме да разбереме дека со тоа што ќе останеме дома спасуваме животи. Мора да бидеме трпеливи. Нашето трпение спасува животи, рече министерот, кој по професија е лекар.

На прашањето за евентуално продолжување на мерките, министерот најави дека одлуката ќе биде донесена во рок од една недела со интервенција на претседателот или премиерот. Барајќи да не се зборува прерано за подигање на мерките, бидејќи ќе се добие чувство дека се е готово.

-Не е готово, далеку од тоа: ние не сме на крајот на епидемиското искачување. Сè уште сме во фаза на влошување, подвлече изутринава министерот за здравство Оливие Веран.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.