Франција ќе го национализира произведувачот на струја EDF

Француската влада планира целосно да го национализира произведувачот на електрична енергија EDF, најави во средата премиерката Елизабет Борн.

„Во потврдувам денеска дека државата има намера да контролира 100 отсто од капиталот на EDF“, изјави Борн во говорот во долниот дом на францускиот парламент, претставувајќи ги приоритетите на новата малцинска влада.

Можноста EDF да мине во сопственост на државата го навести претходно годинава претседателот Емануел Макрон, кој сака да го искористи како главна алатка за огромните вложувања во новите нуклеарни реактори.

Премиерката Борн во говорот не прецизираше дали владата оваа компанија ќе ја национализира со посебен закон или со откуп на уделите на малцинските акционери, ниту наведе конкретен датум, нагласува Reuters.

Државата моментално е сопственик на 84 отсто од уделот во компанијата којашто доцни со градењето на новите нуклеарни централи во матичната Франција и во Велика Британија и со пробивање на финансиските конструкции.

Проблеми ѝ задаваат и корозијата на „старите“ нуклеарни реактори, па половината беше принудена да ги згасне. И владата ѝ ја отежна позицијата со одредбата според којашто мора да продава струја на конкуренцијата со попуст, токму во периодот на рекордно високите цени.

Во EDF проценуваат дека добивката поради намаленото производство ќе им падне за 18,5 милијарди евра. Попустите би требало да ги чинат 10,2 милијарди евра. Истовремено проценуваат дека долгот оваа година ќе им порасне за 40 отсто и ќе надмине 61 милијарда евра.