Франција е воздржана во врска со европскиот ковид-пасош

Франција е воздржана околу воведувањето на пасош за вакцини, сметајќи дека ова прашање не треба да се најде на дневниот ред на Европскиот совет следната недела, изјави државниот секретар за европски прашања Клемент Бон, јави дописникот на МИА.

– Тоа е дебата што не треба да се води и би било шокантно, додека кампањата за вакцинација насекаде почнува во Европа да има поважни права за некои отколку за други. Ова не е наша концепција за заштита и пристап до вакцините – изјави Бон.

Според него, Франција е многу воздржана.

– Ако зборуваме за парче хартија, документ што ве овластува да патувате во Европа, верувам дека тоа е многу преурането – рече утринава Бон на радио „Франс Инфо“.

Шефот на грчката Влада, Киријакос Мицотакис, во вторникот ја повика Европската унија да донесе стандардизиран сертификат за вакцинација, за да и се даде поттик на туристичката индустрија, уништена од пандемијата на коронавирусот.

Ова е идеја за која Европската комисија е наклонета, смета претседателката Урсула фон дер Лајен, зборувајќи за медицинските императиви, за разлика од Светската здравствена организација (СЗО), која се изјасни против.

– „Тоа е идеја (…) за која Франција смета дека сега не треба да се отвора дебатата. Кога ќе се генерализира пристапот до вакцината, тоа ќе биде поинаква тема – инсистира Бон.