Франција: Енергетските компании апелираат на штедење на енергијата

Првите луѓе на големите француски енергетски компании ги повикаа сонародниците и претпријатијата веднаш да ја ограничат потрошувачката на енергијата за да се подготват за претстојната енергетска криза.

„Мораме заеднички да работиме на намалувањето на нашата потрошувачка за да обезбедиме простор за маневрирање“, се истакнува во заедничката изјава на челниците на „Engie“, EDF и „Total“.

Во писмената изјава којашто ја потпишаа извршните директори Катрен Меккрегор од „Engie“, Жан-Бернар Леви од EDF и Патрик Појан од „TotalEnergies“, повикот штедењето доаѓа со остриот пад на испораките на рускиот гас и ограниченото производство на струја поради проблемите со одржувањето.

Франција има намера да ги наполни складиштата со гас до раната есен, соопшти минатиот четвртокот премиерката Елизабет Борн. Складиштата за гас во моментов се пополнети со 59 отсто од нивните капацитети.

Санкциите воведени против Русија поради војната во Украина многу јасно ја покажаа зависноста на Европа од руските енергенси, и поттикна барање алтернативни извори на снабдување.

Уште во март француските медиуми известија дека владата разговара со „TotalEnergies“ за зголемување на капацитетите за прифаќање на течен природен гас (LNG), откако САД порачаа дека се подготвени да ги зголемат испораките во Европа, што сепак се чини како поскапа варијанта.

„Доколку преземеме мерки уште ова лето, ќе бидеме поподготвени на почетокот од зимата, во прв ред за зачувување на нашите резерви од гас“, порачаа во споменатото писмо челниците на француските енергетски компании, додавајќи дека потрошувачката би требало да се ограничи „наскоро, колективно и во голема мера“.

Нагласуваат дека, од своја страна, настојуваат да најдат нови извори за набавките на енергенси и да изградат пловечки терминал за LNG во Л’Авр.

Француската влада неодамна извести дека ќе ги замрзне цените на гасот до крајот на годината, продолжувајќи ја за шест месеци мерката која е воведена за да се ублажи влијанието на силниот раст на цените на енергијата врз куповната моќ на граѓаните.