Франција во петокот законски го регулираше користењето на електричните тротинети и случни средства, воведувајќи со тоа забрана за нивно возење по пешачките патеки, автопатите и селските патишта.
Ова превозно средство сѐ повеќе е дел од секојдневието на патиштата во Франција, иако досега немаше закон со кој беше регулирана нивната употреба.
Одлуката објавена во петкот ги дефинира како „лични моторизирани подвижни направи“ и ја ограничува брзината со којашто може да се движат на 25 километри на час. Предвидено е да се употребуваат на велосипедистичките патеки и на улиците по големите градови на кои брзината е ограничена на 50 километри на час.
Новите правила стапуваат на сила веќе во сабота. Минималната возрасна граница за возачите е 12 години.
Градските власти на Париз претходно го забранија возењето или паркирањето на електричните тротинети на пешачките патеки.
Електричните тротинети беа озаконети во Германија во јуни годинава, но минатиот месец полицијата во Берлин извести дека регистрирала 74 инциденти во кои учестувало ова превозно средство во текот на првите три месеца откако беа легализирани. Во 65 случаи е покрената истрага поради сомневање во возење под дејство на алкохол.