Франција ги зголемува пензиите и платите, а го замрзна растот на кириите

Долниот дом на францускиот парламент го усвои предлог-законот за зголемување на пензиите и за привремено замрзнување на поскапувањата на кириите.
Со тоа, според Ројтерс, владата направила чекор напред кон исполнување на најважното ветување во изборната кампања за зголемување на куповната моќ на домаќинствата, поради високата инфлација која минатиот месец изнесуваше 6,5 отсто на годишно ниво.

Ова е и првиот тест за претседателот Емануел Макрон, кој ќе покаже дали може да постигне компромис со зајакнатата опозиција по губењето на апсолутното мнозинство на неодамнешните избори, бидејќи законот сега оди во Сенатот, Горниот дом во кој доминираат конзервативните републиканци.

Меѓу другото, предлог-законот предвидува зголемување на платите за вработените во јавниот сектор, бонови за храна и механизам кој им овозможува на компаниите да плаќаат поголеми бонуси без данок на работниците. Очекуваните буџетски трошоци се околу 20 милијарди евра (20,37 милијарди долари).
Гласањето, доцна синоќа, следеше по жестоките дебати во кои политичарите од левичарскиот сојуз Нупес, најголемиот опозициски блок, ја критикуваа владата, велејќи дека предложените мерки не одат доволно далеку. За предлог-законот гласаа 341 пратеник, а против 116. Владата ја поддржаа републиканците и екстремно десничарската партија Расамбламон Насионал, додека пратениците на Нупес не гласаа за него.

Помагањето на Французите да се справат со високите трошоци за живот, поттикнати главно од зголемувањето на цените на енергијата по руската инвазија на Украина, беше едно од клучните предизборни ветувања на Макрон, откако неговиот прв мандат доживеа масовни улични протести познати како движењето на жолтите елеци.