Франција го блокираше договорот за увоз на течен гас од САД

99

Француската влада побара од енергетската компанија „Engie“ да го одложи потпишувањето на договорот за увоз на течен природен гас (LNG) од САД, поради стравување од негативните последици по природната средина, рекол во петокот за агенцијата Reuters извор упатен во активностите.

Интервенцијата на владата во Париз се совпаѓа со засилениот интерес на француската и воопшто светската јавност за последиците од вадењето на природниот гас од шкрилци со методите како што е хидрауличното фрактурирање на почвата при што се применуваат и хемикалии, и за нивната поврзаност со климатските промени преку емисиите на метан, особено кога станува збор за американските производители.

На тоа се надворзува и заострениот трговски судир меѓу Европската унија и САД и реципрочните мерки меѓу Париз и Вашингтон во спорот околу оданочувањето на големите дигитални компании.

Француската компанија „Engie“ се подготвуваше за склучување договор со американската „NextDecade Corp“ за којашто оваа зделка беше важна поради планираното градење терминал за извоз на LNG во американската сојузна држава Тексас.

„Проектот не е усогласен со францускиот проект и визијата за заштита на природната средина“, изјавил претходно во четвртокот за Reuters упатен извор, додавајќи дека барањето за одложување на договорот пристигнало од министерството за економија.

Извозот на течен природен гас е составен дел од политиката за енергетска доминација во светот и САД настојуваат со години да ја наметнат, а администрацијата на актуелниот претседател Доналд Трамп сака да го максимизира извозот на нафта и гас но истовремено се исклучуваат и прописите за заштитата на животната средина.

Портпаролката на американското министерство за енергетика, Џесика Шимански, изјавила дека би било „ограничено и тесноградо да се одложуваат LNG проектите за да се испрати политичка порака“. Според неа, таквиот потег „би можел да го попречи еколошкиот напредок кој го постигнавме со користењето на американскиот природен гас“.

Портпаролката на компанијата „Engie“, во којашто удел има и француската држава, изјавила дека управниот одбор на 30-ти септември заклучил дека им е потребно повеќе време за проучување на предложениот договор со американската компанија. Не сакала да одговори на прашањето дали на тоа се решиле по барање на владата. Француската влада, пак, веднаш не сакала да ја коментира информацијата.

Од американската „NextDecade Corp“ соопштиле дека не може да разговараат во јавноста за поединостите од своите деловни проекти и додале дека компанијата работи на мерките коишто би требало да осигураат јаглеродна неутралност на терминалот во Тескас.

Американкиот портал Politico, како и францискиот весник La Lettre A, исто така, пишуваат дека официјален Париз интервенирал во склучувањето на 20-годишниот договор за кој се проценува дека изнесува седум милијарди американски долари.

Инаку „Engie“ е во групата западноевропски енергетски компании, заедно со австриската компанија OMV, фирмата ќерка на BASF – „Wintershall“, англиско-холандската компанија „Shell“ и германската „Uniper“, кои вложуваат и ја поддржуваат изградбата на гасоводот Северен тек 2. Конзорциумот го предводи рускиот гасен гигант „Газпром“ и со него ќе се удвои досегашната испорака на рускиот природен гас од Сибир до Германија.

САД воведоа санкции за компаниите кои работат на овој гасовод во обидот да го запарат неговото комплетирање, обвинувајќи дека преку него ќе се зголеми енергетската и политичка зависност на Европа од Русија. Официјален Берлин повеќепати повтори дека американските санкции се со цел Вашингтон во Европа да го наметен продавањето на својот течен гас, што во моментов е многу поскапо, додека Москва одговори дека станува збор за чисто економски проект.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.