Франција и Балканот (анализа на едно „не“)

Неуспехот Македонија да добие датум за почеток на прегови за членство во Европската Унија, беше очекуван. Неочекувана е едногласната мантра на македонскиот политички естаблишмент за неостапувањето од евро-интеграциите.  Мантра која, од една страна може да укажува на цврста заложба Република Македонија да се држи како заложник за гео-политичките потреби на одредени регионални и (или) големи сили. Од друга страна, таа може да е израз на недоволната  запознаеност со актуелната состојба во меѓународните односи, како и со односите во самата Унија.

Како и да е, една работа требеше да биде кристално јасна. Приклучувањето на секоја една држава кон Европската Унија е двостран пат. Земјата кандидат исполнува тоа што од неа се бара, а што претходно e утврдено, а земјите членки ги подигаат рампите, една по една, овозможувајќи го пристапувањето. Без постоење на овој принцип, ниту има преговори, ниту има приближување. Уште повеќе, непридржувањето на една од страните кон утврдениот принцип, теоретски, јасно ја покажува целата бесмисленост на процесот. Во конкретниов случај, безсмисленоста фактички не постои, бидејќи спроведување на реформите е наша насушна потреба. Заложбите за безалтернативноста, искажани од државниот врв, е чиста безсмисленост.

Теоретски, безалтернативноста е израз на интелектуална импотентност. Фактички,  изјавите за безбалтернативност не се само израз на интелектуална импотентност. Тие се израз на политики кои се спротивни на еден од основните национални интереси на секоја една држава, а тоа е изградба на општество на благосостојба. Никој нема право, а најмалку сопственото раководство, да ги држи граѓаните на една држава заложници на политика која не дава резултати, само затоа зошто другата страна не ги почитува своите претходно утврдени заложби. Претседателот на Франција, немаше право да се спротивстави на започнувањето на пристапните преговори. Но, и сите останати земји членки кои инсистираа на пакет решение со Албанија, немаа право да  истапат со такви ставови. Како што Европската комисија не оценуваше поединечно, така и членките на Европскиот совет, требеше да се изјаснат за секоја од двете држави поединечно. Исто, или слично, како што тоа го стори Германија.

Непринципиелноста на Франција, но и на уште тринаесет други земји – членки, сосема  легитимно ја наметнува потребата од употребата на прашалниот збор „зошто“. Зошто тие ги прекршија своите претходно утврдени принцип. Објаснувањата на Франција, дека целиот процес на запирање на проширувањето, заради потреба од внатрешни реформи во Унијата, се ефтин изговор, како што е ефтин изговорот на Грција за потребата од заедничко започнување на пристапните преговори со Албанија и Македонија. За Грчката страна, отпочнувањето на преговорите само со Македонија, можело да создаде дисбаланс на нејзината северна граница. Грција, земја членка на НАТО се плаши дека незапочнувањето на пристапните преговори на Албанија, исто така земја членка на НАТО, ќе создал дисбаланс на нејзината северна граница.

Државите немаат срам. Исто како и модерните политичари. Тие се подготвени, во согласност со своите интереси, да дадат најразлични изјави. Колку тие изјави се понебулозни, толку останатите држави нив ги анализираат со посебно внимание.  Доколку на ваквите изјави на одреден број земји членки на Унијата, се додаде и најновата изјава на Филип Рикер, во тој случај македонскиот државен врв, заради заштита на интерсите на нацијата, треба да се замисли и да се откаже од глупоста наречена безалтернативност. Господинот Рикер во изјавата за „Слободна Европа“ изјави дека „… е разочарувачко да се видат одредени лидери со погледи од 19 век за Западен Балкан…“.

Историјата на дипломатијата не’ учи дека погледите од 19 век, за кој зборува г. Рикер, се погледи на создавање на зони на влијанија и формирање на големи балкански држави, на сметка на Македонија. Големите европски држави, од средината на деветнаесетиот век, па се’ до Првата свестка војна, кон Балканот водеа политика на ширење на зоните на влијание, и ребалансирање на сопствените сили. Начинот на кој Македонија за време на Балканските војни беше поделена е резултат токму на оваа политика. Дополнително, за да бидат работите појасни, Европските државни глави и нивните министри за надворешни работи, кон жителите на Балканот се однесуваа со невидена арогантост, која на моменти се граничеше со бруталност.

Оттука, изјавата на г. Рикер, треба сериозно да го замисли нашето министерство за надворешни работи. САД, заедно со Франција, Германија, Италија и Велика Британија се членки на петорката која редовно ги координира своите политики кон Балканот. САД на овие средби, ги преставува г. Палмер, специјален преставник за Западен Балкан и Егејот на државниот секретар Помпео. Тој, како и г. Рикер, добро знаат што директорите за Балканот, на останатите четири држави, зборуваат на заедничките состаноци. Дополнително, давањето на ваква изјава од страната на г. Рикер, укажува на потребата САД јавно да оцрнат политики кои една или повеќе држави членки на групава сакаат да ги спроведат кон Балканот, а кои се спротивни на интересите на САД. Се разбира, под услов, изјавата на г. Рикер да не се однесува на деветнаесетвековната европска арогантност кон Македонија и останатите земји од Западен Балкан.

Што точно мислел г. Рикер кога ја дал оваа изјава тешко дека брзо ќе може да се открие. Сепак, тоа што може со голема доза на сигурност да се каже е дека САД, како и останатите земји од петорката, најмалку година дена однапред го знаеле ставот на Франција. Франција заедно со останатите четири држави активно учествуваше во рушењето на владата на Груевски. Франција, заедно со останатите свои сојузници од групава, го донесе Заев на власт за да се смени уставното име на Република Македонија и да се девалвира македонската нација на ниво на етничка група. Но, Франција никогаш не излажа! Никогаш не рече дека со промената на уставното име ќе се отвори патот на Македонија кон ЕУ. Тоа го ветуваа останатите четири држави. Исто како што ветуваа дека во октомври ќе добиеме датум за почеток на преговорите, а добро знаеле дека Франција тоа нема да го дозволи. И тоа е разбирливо! Исто како што се разбирливи изјавите за нивната разочараност заради неотпочнувањето на нашите преговори со ЕУ. Хипокризија никогаш не недостасувала во меѓународните односи.

Г. Макрон е претседател на Франција. Претседателот на Франција, како и претседателите и премиерите на скоро сите држави во светот кога зборуваат ги искажуваат официјалните ставови на своите држави. И тие тешко и бавно се менуваат. Надворешните политики и во делот на стратегијата и во делот на тактиката на сериозните држави се усвојуваат од соодевтните држави тела и се ставени на хартија.  Во случаите со мали држави, најчесто, стратегијата на надворешната политика се однесува на поголем регион, а тактичките чекори се прилагодуваат на конкретниот случај. Оттука француското вето не е вето само кон Македонија и Албанија. Тоа е вето за целиот западен Балкан. Причината за ваквиот француски став, како и реакцијата на вашингтонската администрација, треба да се бара токму во судирот на нивните интереси. Од не помало значење е и судирот на интересите помеѓу Франција од една страна и Германија и Велика Британија од друга, посебно во однос на Косово. Дополнително, за да биде сликата појасна, француското вето не може, а да не се гледа и низ призмата на француско-руските и француско-турските односи. Русија и Турција не само што се, исто така, присутни во регионот, туку со помош на Србија, го зајакнуваат своето присуство. Во случајот на Турција, од поглед никако не смее да се испушти и Катар.

Во овој момент, Србија е  клучната држава од која ќе зависат европските перспективи на целиот регион. За наша жал, тие перспективи се врзани со решавањето на косовското прашање, но и со стабилизирањето на состојбите во Босна и Херцеговина. Нешто што Србија го посакува, но согласно своите национални интереси, кои се спротивни на интересите на Косоварите, како и на Хрватите и Муслиманите во БиХ. САД, Германија и Велика Британија, можеби можат да најдат разбирање за интересите на Србија во Босна и Херцеговина, но имаат многу мало разбирање за тие интереси во Косово. Франција, од своја страна, молчаливо, на преден план ги стави интересите на Србија. Ставајќи вето на започнувањето на преговорите на ЕУ со Албанија и Македонија, таа ја дискредитира европската политика на стап и морков, истовремено зајакнувајќи ги преговарачките позиции на Србија. Претседателот Вучиќ, благодарејќи на ваквиот француски потег, слободно може да ја задржи својата позиција кон Косово. Дополнително, Франција, преку зајакнувањето на српската позиција, всушност сака да го намали влијанието на САД и Турција во целиот регион, а да го зајакне своето. За да нема забуни, Франција во овој момент нема ништо против руското влијание во регионот. Во крајна линија, за Франција, Русија е дел од Европа и треба да биде дел на Европските културни и економски интеграции.

Изнесенава скица дозволува да се каже дека г. Рикер е во право, но само делумно. Француската политика, се разликува од американската заради различните интереси во регионов. Истото се однесува и на политиките на Германија, Велика Британија и Италија. Ништо повеќе. Се’ додека тие не постигнат компромис со кој ќе го потикат  српско-косовскиот дијалог, Македонија, но и останатите земји од регионов ќе седат во чекалната. Но, и тоа не е гаранција. Усогласувањето на интересите на земјите членки од петоркава може да биде и болно по една или повеќе држави од регионот. Нивните политики кон претходната влада на Груевски, како и договорите со Бугарија и Грција, тоа најдобро го покажаа. Всушност, ако се следи духот на изјавата на г. Рикер, слободно може да се цитира изјава на еден познат историчар на дипломатијата која гласи: „Во 19 век големите сили во водењето на надворешните политики се однесуваа како коцкари во казино“. Разликата е во тоа што цехот го плаќаат држави, чии што лидери, како во македонскиот случај, наместо за своите граѓани, одработуваат за некои од нив.

Автор: проф. д-р Јован Донев за НетПрес