Франција не го става предлогот на маса ако преку комуникациски канали не е прифатен од Софија и Скопје

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вечерва во студиото на ТВ24 рече дека македонската страна „едвај чека“ бугарската страна да го одбие францускиот предлог на Емануел Макрон. Предлогот и да се прифати, вели Мицкоски, „ќе има само фотосесија“ во Брисел.

– Сфатија дека влегоа во стапица , чекаат Бугарија да го одбие и тие да бидат конструктивните во процесот. Сите бегаат да дадат коментар, а што е толку страшно да кажат дека тоа што го виделе од медиумите е неприфатливо за нив, рече Мицкоски.

За лидерот на најголемата опозициска партија чудно е тоа што се уште претставниците на македонската влада не даваат коментари, иако веќе има детали од преговарачката рамка и билатералниот протокол, кој треба да се гласа во бугарскиот парламент.

– Франција не го става овој предлог на маса ако преку комуникациски канали не е прифатен од Софија и Скопје, смета тој.

Мицкоски смета дека предлогот ќе помине во бугарскиот парламент, но во јуни Македонија нема да добие датум за преговори, затоа што, како што вели тој, физички не е можно да се истурка документот на време.

– Ова е прашање на идентитетот и иднината на Македонија, ајде сега нека ни кажат да се асимилираме, тие што се креатори на тие политики. Овој предлог ги покрива сите претходни наши позиции, не значи дата, со вметнување на сите бугарски барања во преговарачката рамка и треба да се ослободи патот на Албанија кон ЕУ, а ние ќе треба да исполниме уште по некој услов, рече Мицкоски.