Франција од петок во карантин, училиштата остануваат отворени

Во Франција од петокот се воведува карантин кој ќе трае најмалку до 1-ви декември за да се сузбие вториот бран од епидемијата на коронавирусот, кој во земјата е посмртоносен од првиот, најави во средата вечерта во телевизиското обраќање претседателот Емануел Макрон.

„Донесов одлука дека од петокот треба да се воведе карантин на целата територија на Републиката, за да го сопреме вирусот. Рестрикциите ќе вклучуваат три главни момента: училиштата ќе останат отворени, работата ќе продолжи, ќе бидат овозможени посети на домовите за пензионерите“, изјави Макрон во обраќањето до нацијата.

Францускиот претседател предупреди дека „доколку ниште не преземеме, во Франција за неколку месеци би можело да починат уште 400.000 луѓе“.

„Некои се залагаат за непреземање рестриктивни мерки и пуштање вирусот да циркулира, за да се постигне колективен имунитет. Научниците ги проценија последиците од оваа опција, кои се немилосрдни. Краткорочно, тоа значи тријажа на пациентите во болниците и за неколку месеци најмалку уште 400.000 починати, Франција никогаш нема да се реши за оваа стратегија“, додаде Макрон.

Во рамките на овие рестрикции, кафеата, бистроата, рестораните и дуќаните кои не се неопходни ќе бидат затворени. Но основните и средните училишта ќе останат отворени. Само факултетите ќе работата онлајн.

Наставата во училиштата ќе им овозможи на родителите подобро да ги извршуваат семејните и професионалните обрски, а секаде каде што тоа е можно ќе се работи од дома, но во однос на пролетните мерки „активностите ќе бидат поинтензивни“, рече францускиот челник.

„За да се избегнат човечките драми кои ги проживуваме пролетта, и лицата кои живеат сами во повозрасни години да не бидат изолирани, ќе биде овозможена посета на домовите за возрасни со строго почитување на здравствените мерки“, појасни Макрон.

На економски план, Макрон вети помош за малите компании кои ќе мора да ја прекинат работата со поддршка од 10.000 евра месечно.

„Подготвуваме посебен план за самовработените, трговците, за малите и средни претпријатија“, најави Макрон и ги повика сонародниците да останат „обединети и солидарни“.

„Како и сите наши соседи, нѐ зафати бранот епидемија на вирусот кој јакне со приближување на зимата и падот на температурите. Некои земји, како на пример Шпанија, Ирска, Холандија, претходно преземаа постри мерки од нашите. Но сите нас нѐ преплави вториот бран за кој знаеме дека ќе биде поостар и поубиствен од првиот“, додаде Макрон.