Франција почна со производството на вакцината Фајзер/БиоНтех

Првите вакцини Фајзер/БиоНтех против ковид-19 произведени на француско тло, според планираното, беа произведени денеска, потврди подизведувачот Делфарм одговорен за операцијата. Настанот го поздрави претседателот Емануел Макрон, јави дописникот на МИА.

– Започна утрово – изјави за Франс Прес групацијата Делфарм, која ги флашира вакцините Фајзер/БиоНТех во Ер-ет-Лоар, потврдувајќи ја објавата неколку минути претходно од Емануел Макрон на Твитер.

Овие вакцини беа доставени во Делфарм во вторникот од фабриката на Фајзер/БиоНТех во Марбург, Германија, каде се произведени. Делфарм е одговорен за нивно ставање во ампули кои на крајот ќе бидат дистрибуирани.

Дури и да ја напуштат француската фабрика денес, тие нема да бидат веднаш инјектирани затоа што ќе треба речиси еден месец за да се одобрат. Потоа, тие нема да бидат специјално посветени за Французите. Делфарм вели дека процентот треба да одговара на квотата на анти-ковид вакцини што ја планира Европската унија за Франција по сите нарачки, или околу 15 проценти.

За неколку дена, конкурент на Делфарм ќе започне да ги произведува вакцините Модерна во Индр-е-Лоара. На крајот на мај, компанијата Фарева ќе се погрижи за вакцината CureVac – која сè уште не е одобрена во ЕУ.

На крајот, гигантот Санофи ќе му подаде рака од ова лето на својот конкурент „Џонсон и Џонсон“ со производство на својата вакцина, во близина на Лион. Веќе одобрена во ЕУ, но предмет на ограничувања за одредени возрасни групи, вакцината „Астра Зенека“ во моментов нема да се произведува во Франција.