Франција прогласи санитарна вонредна состојба

Францускиот Парламент синоќа по четиричасовна расправа донесе одлука за воведување на санитарна вонредна состојба во следните два месеци, со цел да се запре ширење на Ковид-19.

Тоа значи дека нема да биде покрената вообичаената процедура на претставување на законскиот акт пред Уставниот совет, туку актот ќе биде објавен денеска во францускиот Службен весник.

– Парламентот со усвојување на овој закон ги потврди мерките на француската влада, кои се применуваат од 16 март. Овој закон на некој начин е предуслов за воведување на вонредна состојба, објави парискиот весник „Монд“.

Според весникот со воведувањето на санитарна вонредна состојба францускиот премиер има можност да донесе друг декрет за воведување на забрана за движење на граѓаните и возилата, забрана за излегување на граѓаите од нивните домови, ставање во карантин на лицата за кои постои сомнеж дека се инфицирани, затворање на јавните инстиитуции и површини и друго.

Со законот предвидени се и казни за крешење на мерките во висина од 135 евра, а доколку истото лице го повтори прекршокот, предвидени се казни од 1.500 до 3.000 евра.

Со воведување на санитарната вонредна состојба предвидени се и економски поттикнувачки мерки, меѓу кои и доделување на буџетски стрдства на регионите што најмногу се погодени од новиот коронавирус. Исто така и можноста за пролонгирање на плаќање на сметките за приватните и правните лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.