Франција се подготвува за утрешниот масовен штрајк

Во пресрет на утрешниот штрајк во Франција, синдикатите најавија ширум земјата 245 митинзи, откако неколку недели по ред земјата се подготвува за мобилизација против пензиската реформа, која се очекува да биде следена со масовен штрајк во повеќе јавни сервиси, јавува дописникот на МИА.

Синдикатите се надеваат дека ќе се мобилизираат масовно против владиниот проект, а во транспортот и училиштата веќе се предвидува многу висока стапка на штрајкувачи. Неколку повици за приклучување во синдикалните поворки беа испратени од страна на групите на социјалните мрежи на „жолтите елеци“, а радикалните милитанти на црниот блок, исто така, се чини дека се подготвени да демонстрираат заедно со синдикатите.

Стапката на штрајк во градинките и основните училишта, според Министерството за национално образование, би достигнала 55 отсто во цела Франција и 78 проценти во Париз. Само три училишта во Париз можат да обезбедат „минимална услуга за прием“ во оваа фаза.

Додека „Ер Франс“ веќе објави дека планира да откаже 30 проценти од домашните летови и 15 проценти од летовите на средно растојание, Ејзиет соопшти дека ќе откаже 233 домашни и летови на средно растојание.

Во железничкиот сообраќај 90 отсто од возовите нема да возат. СНЦФ го реактивираше својот испробан и тестиран план за време на долгиот социјален конфликт од пролетта 2018 година против реформите во железницата и објави предупредување до патниците. Датумот 5 декември за почетокот на движењето беше познат веќе некое време и веќе е формиран кризен штаб.

Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастанер во средата објави дека се пријавени 245 митинзи и демонстрации низ целата земја. Тој, исто така, рече дека очекува присуство на „црни блокови“ и „ радикални жолти елеци “ неколку стотина во поворките во Париз и „можеби неколку илјади на целата национална територија“.

Меѓу безбедносните мерки во главниот град, префектурата во Париз побара да бидат затворени сите продавници и ресторани кои се на патот на кој ќе поминува поворката на синдикатите.

Прашањето кое си го поставуваат сите е дали штрајкот ќе прекине вечерта на 5 декември или тој ќе продолжи со одмерување на силите со владата, синдикатите не кријат дека сакаат тврд штрајк како во декември 1995 година.