Франција се премислува – можен е паралелен процес на преговори за членство и реформа на ЕУ

Франција ја крева рампата за влез – ЕУ може да даде датум за Македонија и да се реформира во исто време, порача Тимоние. По француското вето, ова е прв пат официјален Париз да испрати позитивни сигнали во пресрет на Европскиот Совет во март.

Според амбасадорот Тимоние, во Париз се задоволни од Европската Комисија која направи сериозна работа на барање на Франција за нова методологија а со тоа и Македонија е се поблиску до посакуваниот датум за влез во ЕУ.

– Процесите може да се водат паралелно. Затоа што патот кој е пред вас не е краток, тоа е и пат на наши внатрешни реформи во Унијата кој штоисто така не е краток, но ќе се обединат најверојатно и мислам дека ќе треба да работиме во таа насока. Да не лиферуваме со точни датуми, но моите надежи се дека датумот е се поблиску, – Кристијан Тимоние амбасадор на Франција.

Додека Франција се уште размислува, Германија и Италија се на иста линија за што поскоро проширување на Унијата. Дипломатите на овие две земји денеска порачаа дека датум за влез на Македонија и Албанија во Унијата мора да има уште во март. За нив е важно Македонија да си ја заврши и домашнита задача – да спроведе успешни избори во март, да имплементира зајакнати реформи и да води засилена борба со корупцијата

– Сега имаме техничка влада чиј мандат е да се спроведат демократски, слободни и фер избори, а не кампањи. Политичарите да не се однесуваат како државата да не им припаѓа на граќаните туку на партиите кои тие ги претставуваат, – Томас Герберих амбасадор на Германија.

– Ревизијата на методологијата не смее да биде предуслов, ниту пак да го оддложи отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија, – Карло Ромео амбасадор на Италија.

И хрватската амбасадорка Тигањ ги повтори ставовите на официјален Загреб. Таа порача дека земјата која го смени уставното име заслужува влез во европското семејство во најбрз можен рок.

Засега се чека новата методологија која Европската Комисија ќе треба да ја објави следната недела, но и усвојување на истата од страна на земјите членки. Најголемата дебата за доделување датум на пакетот Македонија и Албанија ќе биде на 26 март за време на Европскиот Совет.