Франција со над 10.500 новозаразени од коронавирусот во последните 24 часа

Француските здравствени власти во последното деноноќие забележале рекорден 10.561 нов случаj на зараза со коронавирусот SARS-CoV-2 и 17 нови смртни исходи, соопштено е во неделата.

Ден претходно премиерот Жан Кастекс предупреди дека ситуацијата во земјата се влошува, и ги повика сонародниците строго да се придржуваат до хигиенските мерки, да одржуваат растојание и да носат маски за лицето.

Во Франција последните седмици остро се зголемува бројот на заразените, откако во поглемиот дел од летото по 55-дневниот карантин од 17-ти март до 11-ти мај, минуваше со понизок број случаи на заразата.

Франција е една од најпогодените европски земји во пандемијата на новиот коронавирус. Според последните податоци од специјализираниот портал Worldometer, досега од почетокот на епидемијата во февруари, во земјата се заразиле 373.911 луѓе, од кои како последици на компликации предизвикани од вирусот починале 30.910 луѓе, а досега оздравеле 80.059 пациенти. Бројот на активни случаи и натаму е висок, односно има 253.942 коронаинфекции во моментов, од кои 635 пациенти се во сериозна или критична состојба.

Премеирот Кастекс на локалните власти во Марсеј и Бордо, како и на карипската француска прекуморска територија Гваделупе, им даде рок до понеделник да донесат нови мерки со цел да се спречи ширењето на заразата.

Шест видни француски доктори, меѓу кои и експертката за заразни болести Ан-Клод Кремје, упатија апел до населението семејните и средбите со пријателите да ги сведе на минимум. Предупредија, исто така, дека најлоши се собирите во мали престори без можност за проветрување.