Франција со над 42.000 коронаинфекции во еден ден, го мина прагот од милион заразени

Бројот на лицата кај кои е потврдено присуството на новиот коронавирус во последните 24 часа во Франција е најголем досега и од почетокот на епидемијата во земјата досега се регистрирани над милион заразени, објави во петокот вечерта Sante Publique France, агенцијата за следење на епидемиите при министерството за здравство.

Според најновите податоци, од четвртокот вечерта до петокот во истиот период од денот во Франција се потврдени 42.032 заразени лица. И тоа е нова рекордна бројка на дневно ниво од почетокот на епидемијата во февруари и во овие девет месеци севкупно земјата бележи 1.041.975 случаи на зараза со коронавирусот.

Во последните седум дена, во француските болници се хоспитализирани 11.032 лица. Истовремено, 1.714 од пациентите се примени на одделите за интензивна нега. Стапката на позитивните тестови на коронавирусот во целата земја изнесува 15,1 отсто.

Во текот на епидемијата во Франција починале вкупно 34.508 пациенти, од кои 23.382 во болнички услови. Во текот на изминатите 24 часа, забележани се 184 смртни исходи, што е повеќекратно помалку отколку при пикот на заразата во првиот бран на епидемијата.

Ширум Франција се регистирани 2.073 жаришта на ширење на заразата, од кои 477 се во домови за стари лица. Во текот на последното деноноќие уште 184 локации се потврдени како жаришта на коронавирусот. Во 91 од 101 француски департман на сила е предупредувњето за „зголемено ниво од ризик“ за зараза со новиот коронавирус.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.