Франција „во наредните месеци“ ќе преземe 400 баратели на азил од Грција

За првпат  по крајот на европската програма за „преместување“ на азилантите воспоставена во 2015 година, Франција ќе преземе баратели на азил од Грција, станува збор за 400 лица, јавува дописникот на МИА.

-Ние сакаме да и помогнеме на Грција да се справи со зголемувањето на миграциските текови во последниве месеци, со тоа што ќе примиме 400 лица кои стигнаа на грчка територија“, рече амбасадорот Патрик Мејсоннав во интервју за Грчката новинска агенција АНА. За одбиените баратели на азил, францускиот амбасадор рече дека Франција „ќе соработува со Грција и Европската агенција за контрола на границата Фронтекс за нивно враќање во нивните земји на потекло“.

-Ние исто така ќе ја зајакнеме борбата против илегалните мрежи за трговија со имиграцијата со присуство на француски експерти во Грција, додаде Патрик Мејсоннав.

Грција во 2019 година стана главната влезна врата за мигрантите во Европа. Миграцискиот проток преку егејските острови со кои се соочува Турција останува најголем во последните години со повеќе од 55 000 пристигнувања во 2019 година, според Високиот комесаријат за бегалци (УНХЦР). Пристигнувањата преку копнената граница со Турција, исто така, се зголемуваа од 2018 година. Во 2019 година, повеќе од 14 000 луѓе го зеле овој опасен пат, според УНХЦР.

Ова масовно раселување на барателите на азил во Франција ќе биде прво од крајот на европската програма за „преместување“ воспоставена во 2015 година, во екот на миграциската криза, а имаше за цел да ги олесни Италија и Грција од приливот на мигранти кои бегаат од војната или мизеријата. По тешките преговори, земјите-членки тогаш со мнозинство одлучија да прераспределат 160.000 луѓе за две години во земјите на Унијата.

Но, на крајот само 29.000 луѓе беа „преместени“, Франција прифати околу 2.700. Прашањето за распределбата на барателите на азил останува и понатаму главоболка во Европската унија по големата миграциска криза во 2015 година, четирите држави  членки на Вишеградската група (Чешка, Унгарија, Полска и Словачка) сè уште се спротивставуваат на нивниот прием.

Повеќе од 37.000 луѓе  и особено  5.000 малолетни лица – во моментот се во логорите во Лезбос и на четири други егејски острови, додека нивниот капацитет е само за околу 6.300 луѓе. Само во кампот Морија, на островот Лезбос, повеќе од 17.000 мигранти се во центарот за прием и идентификација, кој е предвиден за само 3.000 луѓе. Меѓу нив, најранливите се децата. Тие претставуваат 36 oтсто од бегалците, од кои илјадници се придружувани малолетни лица кои доаѓаат главно од Сирија и Авганистан за да избегаат од ѕверствата на војната.

Атина, која ги заостри процедурите за азил последниве месеци, вети дека ќе префрли 20.000 луѓе што живеат на островите од кои 4.000 малолетни лица, во камповите на континентот. Земјата продолжува да бара споделување на товарот на миграцијата со другите земји-членки на ЕУ и сака нов европски план за олеснување на враќањето на мигрантите кои немаат право на азил во Турција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.